ЕБОР ја намали проекцијата за растот на македонскиот БДП на 2 отсто

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) вчера соопшти дека очекува бруто домашниот производ (БДП) на Македонија да се зголеми за 2 отсто во 2023 година, намалувајќи ја нејзината проекција за раст од 2,3 отсто направена во септември.

-Во 2024 година, БДП на Северна Македонија се проектира да порасне за 3 отсто, соопшти ЕБОР во ажурирањето на својот извештај за регионални економски перспективи.

БДП на Северна Македонија се проценува дека пораснал за 2,5 отсто во 2022 година, откако се зголемил за 4 отсто во 2021 година.

ЕБОР очекува економскиот раст на регионот на Западен Балкан да забави до 2,2 отсто во 2023 година од проценетата стапка од 3 проценти во 2022 година, поради слабата надворешна побарувачка, постојано високата инфлација и позаострените услови за финансирање. Економскиот раст за регионот во 2024 година е проектиран на 3,4 отсто.

-Високите цени на енергенсите и инфлацијата продолжуваат да влијаат на економските изгледи на сите региони што ги покрива банката, кои опфаќаат три континенти, проценуваат во ЕБОР.

Просечната инфлација во регионите на ЕБОР во декември падна на 16,5 отсто, откако го достигна врвот од 17,5 отсто во октомври.

Претходна вестЈа удрил со автомобил, ја однел во болница па си заминал
Следна вестНови дојави за бомби во 12 скопски училишта