Единаесет студенти со македонско потекло на тринеделен студиски престој во земјава

Единаесет студенти од САД, Канада, Австралија и Босна и Херцеговина се на тринеделен студиски престој во земјава, во рамки на седмото издание на проектот „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) кое почна на 30 јуни во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Анамариа Поповска, Елена Пашариковски, Џосеф Рајчевски, Кристијан Стојановски, Самуил Ангелкоски, Софиа Оуслис, Тери Вендерис, Викториа Поповска, Даниел Соломос, Катерина Петровски и Ена Налбантиќ ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси.

Тие ќе бидат на пракса во Olive Jobs, Македонска информативна агенција – МИА, Адвокатскo друштво ДДК, BtoBet, Limitless Solutions, Four Twenty Two, M6 едукативен центар, Државен архив на Република Северна Македонија и Стопанска комора на Северна Македонија. За време на нивиот престој, студентите ќе бидат сместени во интернатот на приватниот колеџ „Јахја Кемал“.

Покрај редовната практична работа, за студентите секоја недела е предвидена „тематска среда“ каде ќе посетуваат културни институции, Собранието, и ќе одржат средби со бизнис и меѓународната заедница. За време на викендите студентите ќе го посетат Охрид, Битола и ќе присуствуваат на традиционалната Галичка свадба.

„Родум од Македонија“ почна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година. Проектот беше ставен во мирување две години поради пандемијата од Ковид-19 и продолжи во 2022 година.

Главна цел на „Родум од Македонија“ е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Според прганизаторите, овие активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтезивна соработка со дијаспората.

Претходна вестЧетири лица убиени во Филаделфија
Следна вестНаучното списание на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ го доби својот прв меѓународен „фактор на влијание“