Еквадор им објави војна на нарко-бандите

Еквадорската полиција објави дека ги уапсила сите вооружени лица и дека целиот персонал и заложниците се живи. Група вооружени и маскирани мажи вчера упаднале во студио на телевизиска станица ТЦ во најголемиот град во Еквадор, Гвајакил, за време на програма во живо и се заканувале на вработените. Пред преносот во живо да биде прекинат, вооружените лица им наредиле на вработените да легнат на подот, пренесува Би-Би-Си.

Весникот „Универзо“ пишува дека во паника новинари и сниматели испратиле многубројни пораки барајќи помош.

„Тие сакаат да убијат многумина од нас. Помогнете ни“, е една од пораките што биле испратени.

Националните полициски сили на Еквадор објавија на социјалните мрежи дека специјалните сили биле распоредени на местото за да се справат со оваа вонредна состојба.

Потоа, полицијата на мрежата Икс објави дека вработените во телевизијата ТЦ биле евакуирани од студиото.

Еквадорската полиција подоцна објави дека ги уапсила сите вооружени лица и дека целиот персонал и заложниците се живи.

– Пронајдени се најмалку четири огнени оружја, две гранати и експлозивен материјал, а 13 лица се уапсени. Сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата за нивните терористички акти ,изјави Сезар Запата, началник на националната полиција, а пренесува Би-Би-Си.

Откако групата вооружени лица упаднаа во телевизиско студио за време на пренос во живо, претседателот Даниел Нобоа потпиша итен декрет за прогласување внатрешен вооружен конфликт и именување на неколку организирани криминални групи како „терористички организации“ и „недржавни актери“.

Вчера во Еквадор започна 60-дневна вонредна состојба откако од затворската ќелија исчезна најозлогласениот еквадорски криминалец Адолфо Мекиас Виламар, попознат како Фито, осуден водач на моќната банда Лос Чонерос.

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа издаде декрет со кој се потврдува дека Еквадор е во состојба на „внатрешен вооружен конфликт“ и нареди „неутрализација“ на бандите вклучени во трговијата со дрога.

Откако беше прогласена вонредна состојба, беа киднапирани најмалку седум полицајци, а низ Еквадор се случија серија експлозии.

Претходна вестСДСМ ги смирува граѓаните: Инфлацијата ја намаливме за пет пати
Следна вестСкопјани пак ќе платат поради вандалите: Ќе се троши до 820.000 евра за нови контејнери и канти