Скопјани пак ќе платат поради вандалите: Ќе се троши до 820.000 евра за нови контејнери и канти

Во Скопје има многу насилници и фрустрирани лица кои своите проблеми ги решаваат со уништување на контејнерите. Палат, кршат… и тоа полека им станува како хоби, оти видоа дека никој не ги открива и санкционира.

Во меѓувреме останатиот дел од скопјани – оние чесните – плаќаат дебели пари за да се надокнади уништеното. Еве на пример за годинава се предвидени околу 820.000 евра со кои ќе може да се набавуваат нови контејнери. За ова договор веќе потпишало јавното градско претпријатие „Комунална хигиена“.

Градските комуналци на 3 јануари потпишале Рамковна спогодба со претпријатие од Скопје вредна 50.386.000 денари, односно 819.285 евра, врз основа на која во текот на годината ќе набавува контејнери со различна големина и пластични канти за отпадоци. Така, од договорот за набавката, објавен на електронскиот систем за јавни набавки, може да се види дека ќе може да се набавуваат до 25 пластични контејнери со капацитет 3,2 метри кубни по цена од 126.260 денари (околу 2.000 евра), 14 парчиња контејнери со капацитет од 2,2 метра кубна по цена од 115.522 денари (околу 1.800 евра)…, како и 1.000 пластични канти за отпадоци од по 240 литри по цена од 3.480 денари и 700 од по 120 литри по цена од 2.360 денари…

Колку од овие средства ќе можеа да се потрошат за други потреби ако низ Скопје не царуваа пиромани и вандали? Да, факт е дека со времето некои од контејнерите ќе се оштетат и од самото користење, но јасно е дека друг е проблемот.

-Не ми е јасно како до сега никој не е казнет за вандализмот низ Скопје. Се искршија лоши луѓе, ама никого не стигна заслужена казна, затоа и се осилија, коментира една скопјанка.

Инаку за потсетување, пред четири години тогашниот градоначалник Петре Шилегов, направи големата набавка на комунална опрема за градот, за која беа потрошени околу 1,5 милион евра пари на скопјани. Беа набавени 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри и со кои требаше д абидат заменети над 1.800 од вкупно 4.500 стари контејенри бидејќи новите имаа за трипати поголем капацитет. Тогаш се набавија и нови возила, нови 950 корпи, нови 12 електрични машини за вакуумско чистење…

На таа набавка се израдуваа скопјани. Ама и се израдуваа и вандалите…

До кога ќе биде така?

Претходна вестЕквадор им објави војна на нарко-бандите
Следна вестДемократски сојуз: Да се продолжи рокот за вадење лични документи до крајот на оваа година