Владата ќе ја разгледува можноста да се продолжи февруарскиот рок за замена на личните документи. Ова денеска го најави македонскиот премиер Димитар Ковачевски по вчерашниот прелдог на шефот на државата Стево Пендаровски предлогот да се пролонгира рокот за замена на лични документи кој, согласно Преспанскиот договор, истекува на 12 февруари. Премиерот најави дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал Пендаровски.
Шефот на државата синоќа изјави дека е срамота што граѓаните со часови чекаат пред пунктовите на МВР и дека проблемот може да се реши со брза интервенција во законите за лични карти и за патни исправи и за тоа да биде известена Грција.
Според Ковачевски, за ова ќе се разговара.
-Зошто да не. Ќе се консултирам со двајцата министри со кои разговарал претседателот. Сите предлози кои може да унапредат нешто за мене се добри. Верувам дека и претседателот може да се чуе со претседателката на Грција бидејќи, сепак, и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Ќе поразговараме на седница на Влада во однос на можноста ова да се направи, изјави Ковачевски денеска одговарајќи на новинарски прашања при отворање поликлиника во Сарај.
За претседателот Пендаровски рече дека имал „повеќе детали и најдобро знае како тоа би можело да се реши на меѓународно ниво со Грција“ бидејќи бил вклучен во подготовката на Преспанскиот договор и при зачленувањето во НАТО бил координатор за НАТО.
Во однос на рокот за промена на личните документи на македонските граѓани премиерот рече дека не е наметнато од Владата туку е обврска произлезена од потпишан меѓународен договор кој, како што рече, овозможил да станеме земја членка на НАТО.
-Таа обврска е наведена во закон. Така што не може да кажете дека Владата нешто направила бидејќи, сепак, се работи за законски решенија за уставни измени кои се правени во Собранието и кои на сите ни се добро познати во текот на изминатите години. Она што Владата може да го направи е да го олесни тој процес. МВР отвори поголем број пунктови и определи поголем број вработени кои ќе работат, но очигледно дека тоа ќе треба да се зголеми уште повеќе. Еве, и со предлогот на претседателот Пендаровски да видиме дали може да бидат направени тие законски измени. Да направите законски измени без согласност на сите што се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Сепак, ќе пробаме сѐ, рече претседателот на Владата.




