Ете, не болело, Ковачевски и Мицкоски седнаа на иста маса, ќе продолжат ли така и за други прашања?

Ете се деси и тоа – Премиерот и лидер на владеачката партија Димитар Ковачевски се сретна работно со првиот човек на опозицијата Христијан Мицкоски. Направија еден заеднички чекор во напорите да се надвладее енергетската криза.

Се сослушаа еден со друг, си ги разменија видувањата, контактите и предлозите што да се прави за да се обезбедат доволни и ефтини енергенси. Сега на потег е Владата да разгледа и уважи се што е корисно од тој муабет. Дали така ќе постапи ќе видиме наскоро. 

Но, она за што веќе сега може да се каже дека ги „огреало“ граѓаните е фактот дека Мицкоски и Ковачевски го срушија ѕидот околу себе и седнаа на заедничка маса за да се договорат за важно прашање. Ќе продолжат ли и понатаму да прават така?

Многу важни прашања за Македонија чекаат такви средби. За жал до сега не се случувале. По правило, најчесто се случуваа поделби, конфронтации, неединство… по кое една политичка елита која во тој период била на власт влечела самоволни потези. 

Ставовите на власта и на опозицијата многу често се дијаметрално спротивни, но со средби на коишто ќе се слушаат и спротивните мислења сигурно ќе се дојде до подобри решенија за Македонија.

Да беше така до сега, сигурно ќе немаше потреба секогаш во кризните моменти да ни „попуваат“ странски посредници. Оттаму, нема дилеми дека ваквите средби треба да продолжат и да им станат редовна пракса на лидерите на власта и на опозицијата.

Важни проблеми кои останаа за решавање има се уште многу. На Македонија и е потребно заедништво во носење важни одлуки. Дали тоа и е потребно и на Владата? 

Претходна вестВработен во пошта уништил архивски материјал, му стасала кривична пријава
Следна вестМногу важно: Маричиќ е 2 дена во Стразбург, ќе кажува за односите со ЕУ, за корупцијата, за…