ЕУ пак силно и уверливо покажа дека ја сака Македонија во Унијата

ЕУ со години ги храбри земјите од т.н. Западен Балкан дека има намера да се проширува со нови членки. Македонија има добиено многу ветувања за тоа. Само ете мора да се почека, те заради ова, те заради она…

Но, еве, вчера од ЕУ стигна порака дека сега бил моментумот за проширување на Унијата. Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по заседанието на ГАК, истакна дека се усвоените заклучоци кои се фундаментални за напредокот на политиката за проширување. Со замото тоа се потврдувал и напредокот на 10-те кандидати за членство и се испраќа јасна порака за посветеност на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, Турција, Украина, Молдавија и Грузија.

– Ова е година на моментум на политика на проширување на ЕУ и драго ми е што не само што успеавме да дадеме предлози до Советот, туку донесовме и одлуки, рече Вархеји, додавајќи дека сепак конечната одлука околу процесот на проширување ќе ја донесат лидерите на Унијата на Самитот во четврток и во петок.

Значи, тргна работата. ЕУ овој пат силно ветува и покажува дека ќе се проширува. На нас граѓаните во Македонија ни преостанува само да сме трпеливи.

Ќе дојде „датумот“.

ПС. Сепак, да не се заборави во сета оваа еуфорија, ЕУ и вчера не потсети – сменете го Уставот. Во потсетувањата стои и ова: „се нагласуваат очекувањата за конкретни резултати од имплеметацијата на договорите со Грција и Бугарија“.

 

Претходна вестЛилјана Минова – Ѓуркова напиша многу дела, го афирмираше македонскиот јазик низ светот
Следна вестВо октомври 67 илјади странски туристи ја посетиле Македонија