Македонистиката, како наука која ги проучува развојот, правописот и другите одлики на македонскиот јазик е многу важна за државата. Особено сега кога некои се обидуваат да го негираат македонскиот јазик.
Македонистите се научници кои многу придонесуваат за Македонија. Една од поистакнатите такви научници е Лилјана Минова – Ѓуркова. Таа беше редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Ја споменуваме оти деновиве навршија 15 години од нејзината смрт на 12-ти декември 2008 година во Скопје.
Нејзината четиридецениска творечка дејност ја вбројува во еден од најплодните македонисти чии трудови се познати и во светските славистички центри. Во својот творечки живот објавила над 270 библиографски единици во Македонија, Европа и САД во многу научни списанија, зборници, единици и слично.
Како најсовремени и најквалитетни нејзини дела се прифатени универзитетските учебници „Синтакса на македонскиот стандарден јазик“ и „Стилистика на современиот македонски јазик“. Исто така, таа е заслужна и за издавање на учебници за летната школа при Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, учебници по македонски јазик за странци и слично. За афирмацијата на македонскиот јазик во странство, Минова – Ѓуркова издала уште две книги: „Граматика на македонскиот јазик за странци“ со превод на француски јазик во 2006 година и во 2007 истата книга со превод на англиски јазик. Покрај издаваштвото, таа била основач и прв претседател на Советот за македонски јазик.
Таа беше и иницијатор на формирање на научен собир на млади македонисти кој се одржува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 1993 година, а кој сега се одржува и во нејзиниот спомен. На досегашните собири учествувале над 400 млади научни работници од Македонија и од странство. А тоа е гаранција дека делото на Минова – Ѓуркова создава нови генерации македонисти.



