Федерацијата уверува: Планинарскиот дом на Водно нема да биде ресторан

Планинарскиот дом на Водно нема да се претвори во ресторан туку и натаму ќе биде наменет за планинарите, категорично изјави денеска Јовица Угриновски, претседател на Планинарската федерација на Македонија. Тој зборуваше на прес-конференцијата откако дел од планинарите во јавноста бурно реагираа на промена на досегашниот стопанственик на домот. Откако на планинарското друштво „Бистра“ му истекол договорот за закуп по објавениот тендер Федерацијата реши за нов закупец да биде избран клубот „Х2О“ кој конкурирал заедно со фирмата „Милениумски крст“.

-Домот ќе ја задржи својата функција, но ќе добие соодветно модернизирање и нов лик за љубителите на планинарскиот туризам. Нема да стане ресторан или хотел. Тоа е лудост и надвор од секоја логика. Горе нема ни вода, ни канализација. Федерацијата нема да дозволи „Даре Џамбаз“ да премине во такво нешто, но ќе добие поубаво руво за поголема искористеност на капацитетот, истакна Угриновски.

Претседателот на комисијата за планинарски домови, Живко Темелковски кажа дека до пред извесно време постојано им се продолжуваше договорот на клубот „Бистра“. Но, во последните години се смени раководството и домот е доведен во лоша состојба.

– Тој клуб се сведе на неколку членови кои раководат со домот кој е доведен во состојба на неупотребливост, паднати плафони, пајажини, упропастен инвентар. Бидејќи закупецот не го одржуваше домот тековно, одлучивме да не им го продолжиме договорот во следниот период, рече Темелковски.

Угриновски, ги повика медиумите да го посетат домот „Даре Џамбаз“ за да видат во каква состојба се наоѓа.

-Убеден сум дека состојбата која е тотална запустена и со нехигиена, со инсталации кои висат по ѕидовите, по само два месеца ќе се смени на подобро, рече тој.

Претходна вестПо една година затвор за тројца насилници од протестите за „Монструм“
Следна вестВо исто време НАСА лансира ровер на МАРС и Заев вети вакцини – ние вакцини уште немаме