Магично музичко патување за најмладите ќе се случи оваа сабота во салата на Македонска Филхармонија во реализација на оркестарот на Македонската филхармонија со почеток во 12 часот. Концертот со наслов „A Zoo Called Earth“ ќе биде воден од диригентската палка на Ангел Споровски.
Како солисти ќе настапат пијанистките Ивана и Ана Мазнејкови. На програмата се „Карневал на животни“ од К. Сен-Санс и „А Zoo Called Earth“ од П. Шикл. Режисерка е Тамара Стојаноска, аниматор Бобан Алексоски, а визуализацијата и анимацијата се на Иван Коминовски. Концертот ќе се реализира во соработка со театарот „Златен Елец“ Скопје.
Инаку, во приказната се работии за еден магионичар, кој понекогаш е кловн, но секогаш – чувар на нашата планета. Заедно со оркестарот на Филхармонијата и еден вонземјанин, ќе ги поведат најмладите на магично музичко патување.
Преку многу музика, интеракција и анимација децата ќе учат за животните, за природата и ќе ги потсетиме колку е важно да ја чуваме и сакаме нашата планета Земја!