Филипче и Караџовски ги слушнаа ли реакциите на експертите за нивните мерки?

Промашени, неоправдани, мерки без епидемиолошко-здравствена логика, незаконски… се оценките со кои познати македонски медицински експерти ги оквалификуваа новопрелдожените мерки на Комисијата за заразни болести и на министерот Филипче. За новите предлог-мерки со кои се предвидува вработените во јавните институции задолжително да прикажат потврда за примена најмалку една вакцина, ПЦР негативен тест и потврда за прележан ковид не постар од 45 дена, наскоро ќе се изјасни Кризниот штаб и Владата. Но, по она што го кажаа експертите, власта треба добро да попдразмисли што ќе преземе.

-Ова е лудост која нема никаква здравствена логика. Овие мерки не се ни уставни, ни законски и не можам да прифатам луѓе со висок број на антитела, прележани, дарители на крвна плазма кој спасуваат животи да не можат да одат на работа, да се тераат да се вакцинираат, изјави вчера микробиологот Никола Пановски.

Пановски воедно објасни дека и вакцинираните ја шират болеста, „можеби повеќе бидејќи се асимптоматски, полесно поминуваат и повеќе шетаат“, додавајќи: „светот побудале и ние сите луди мерки од светот ги прифаќаме, паметните не баш“.

Епидемилогот Драган Даниловски, пак, оцени дека мерките немаат никаква епидемиолошка смисла.

– Веќе на сите им е одамна јасно: една доза е исто како и ниедна во однос на заштитата од заразување со коронавирусот. И вакцинираните со две дози не се заштитени во голема мера од заразување, а кај нас се покажа дека таа заштита е околу 20 проценти. И мерката за прележаните да приложат потврда за прележан ковид-19 не постара од 45 дена е епидемиолошки неоправдана и бесмислена, потенцира Даниловски.

Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за Токсикологија смета дека вистински прележаните болни од Ковид-19 се драстично обесправени со новите антиковид мерки.

-Нивното ставање во иста група со невакцинираните непрележани граѓани е медицински неоправдано. Во лифт се осеќам побезбедно кога се возам со вистински прележан болен од Ковид-19 во последните 6 месеци, отколку со комплетно вакциниран од пред шест месеци, потенцира тој.

За потсетување, бурно реагираат и синдикалните организации кои веќе најавија и можни протести. Тие пак велат дека мерките ги кршат законоте и ги ускратуваат правата на работниците.

По сето ова, сега останува да се види како министерот Филипче, Комисијата за заразни заболувања предводена од доктор Жарко Караџовски, Кризниот штаб и Владата ќе реагираат на овие укажувања.

Сега е време и да се разгледа прашањето: дали во Комисијата за заразни болести се потребни и нови лица кои ќе донесат и други погледи, ставови и начини на борба со вирусот? Пред се за да се креираат мерки кои имаат епидемиолошка логика и вирусот да биде победен.

Претходна вестДо каде е истрагата за пеплосаната тетовска болница и изгорените 14 пациенти?
Следна вестВирусот препознава ли кој е функционер, а кој не е?