Фин е поводот Судскиот совет да си даде колективна оставка

Сагата околу Судскиот совет не запира. Напротив, добива нови и нови продолженија во форма на „правосудна сапуница“. За денеска е закажана епизодата во која Советот треба да реши како ќе ја спроведе конечната одлука на Управниот суд со која е пресудено дека разрешувањето на тогашната претседателка Весна Дамева било незаконско. Се потврди она на што уште тогаш беше предупредувано од јавноста, тоа дека таквата одлука е спорна и незаконска. Но, на членовите на Советот, инаку правници по вокација, тоа не им се слушаше. Сега, ете, треба да ја спроведат одлуката и да се најде начин Дамева да се врати на функцијата.

Тоа, некако, сигурно дека и ќе се стори. Сеедно дали преку оставката на актуелниот претседател или преку негова смена и повторен избор на Дамева. Но, ведаш потоа се отвора нова дилема, нова епизода, во серијалот: Што со досегашните одлуки на Судскиот совет? Оти ако е незаконски сменета претходната преседателка, тогаш и актуелниот претседател е незаконски избран, а кога тој е незаконски избран тогаш и одлуките носени во последниот период не може да бидат законски…

Сето ова само потврдува колку скандалозности се натрупани во редовите на Судскиот совет. Како и да се реши, тоа не може да се избрише како главна карактеристика на овој состав на Советот. Оттаму, друг излез не може и не треба да има освен колективна оставка на целиот состав на Судскиот совет. Поводот кој сега дојде со одлуката на Управниот суд е најдобар момент за да се стори тоа. А потоа, да се спроведе постапка за избор на новиот состав во кој ќе дојдат личности со поголем кредибилитет.

Време за тоа има. За ова не треба да се чека крајот на најавените реформи и промени во и околу Судскиот совет што ги најавија Министерство за правда и од оценската мисија на ЕУ. Предлозите за промени, кои потоа ќе треба да се спроведат бараат подолго време, а враќањето на довербата во Судскиот совет не може да чека. Ниту, пак, може да се дозволи актуелниот состав, кој веќе носел незаконски одлуки, да продолжи да носи нови решенија за македонското правосудство кое е на најниските гранки на довербата кај граѓаните.

Претходна вестЗемјотрес ги вознемири жителите на Тетово и Гостивар
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Платите растат преспоро во однос на енормно зголемените трошоци за живот