Ги видоа ли надлежните? Дождот пак ги покажа скопските подвозници кои се за поправка

Поројниот дожд во Скопје пак ги потсети надлежните на неколкуте подвозници во градот кои не се подготвени за поинтензивно врнење. Длабока насобрана вода, запушени решетки за одвод, заглавени и потопени возила… сето тоа се случуваше вчера попладне на подвозникот кај поранешната стоковна куќа „Мост“ каде во вода остана заглавено дури и возилото на итна помош.

Зошто ова не се реши потемелно?

Возилата заглавуваа и кај подвозникот во Црниче, кај хотелитет „Континентал“, кај „Александар палас“… може слободно да се каже дека овие неколку подвозници се најневралгични точки во градот при секое поголемо невреме и дека ги загрозуваат граѓаните.

Вчерашната опомена ќе ги растрча ли надлежните да бараат чаре?

Едноставно, проектираниот систем за одводнување на водите не е доволно добро направен и при секој посериозен дожд си ги покажува мааните. Така е со години.

Во периодот кога скопски градоначалник беше Коце Трајановски се извршија одредени поправки, се доградија нови одводни места на погорните делови на подвозниците. Но, се покажа дека и тоа не е доволно. Што направи градоначалникот Петре Шилегов по тоа прашање сега веќе е и касно да се прашува. Сега е важно градоначалничката Данела Арсовска да прави нова корекција, ново решение за одводните води.

Доколку се остане како што е и сега повторно ќе бидеме сведоци на исти ситуации и глетки со поплавени возила и загрозени граѓани. Решенија сигурно има, само надлежните треба посериозно да му пристапат на проблемот.

Претходна вестИ денеска нестабилно време – попладне пороен дожд, грмежи и ветер
Следна вестЦУК: Поплавени 80 простори, 40 паднати дрвја, 20 оштетени возила и поплавени улици, 15 паднати покриви….