Ѓоковиќ против кладилници и коцкарници: Треба да се запрашаме во каква околина ќе растат нашите деца?

Поради обложувалниците спортот генерално станал многу поагресивен, потензичен за професионалните спортисти, смета најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ. По победата врз Шпанецот Запата Мираљес во второто кола на престижниот тенски турнир Ју-Ес Опен, на прес-конференцијата за медиумите Ѓоковиќ зборуваше за повеќе теми, меѓу кои и за се поголемиот број на кладилници и за тоа како тоа влије врз спортскиот и светот воопшто.

Во веста што ја пренесува порталот sportklub.n1info.rs се наведува дека Ѓоковиќ укажал дека постои и „друга страна на приказната“.

-Ние спортистите имаме пари, внимание, слава, тоа ни отвора многу врати, но постои и друга страна од приказната. Жалам што спортот се претвори во бизнис, тоа е посебно изразено кај нас, но и во другите земји. Зборувам за обложувалниците. Кладилници има на секое ќоше, станаа чести како пекарите на времето. Обложувалниците станаа дел од секојдневниот живот, многу луѓе се обложуваат, се ставаат себе во незавидна финансиска положба и ризикуваат за да се обложат на кошаркарски, фудбалски или тениски меч. Обложувалниците направија да има многу повеќе тензија во спортот, ова го немаше во толкава мера кога јас почнував со тенисот. Ако еден дуел не пројде како што треба, спортистите добиваат многу закани, има многу притисоци, рече тој.

Ѓоковиќ додаде дека спортистите многу заработуваат и многумина мислат дека не треба да се зборува на оваа тема.

– Кога ќе се отвори оваа тема, ми велат: Што има ти да зборуваш, ти си мултимилионер! Веројатно ќе добијам критики за ова што го зборувам, но исто така мислам дека многу спортисти ќе се согласат со мене. Обложувалници има премногу, ги има на секоја телевизија, доминираат и луѓето мислат дека така најбрзо ќе заработат. Или не се гледа проблемот, или некој намерно го игнорира. Многумина се свесни за ова, но намерно се игнорира. Државите не работат за да се регулира овој модел, да се оттргне младината од такви работи. Треба да се запрашаме во каква околина ќе растат нашите деца, изјави најдобриот тенисер на светот.

Претходна вестУраганот Идалија ја разори Флорида
Следна вестУбиените мечиња порачуваат: Од Македонија и животните ќе бегаат!