Убиените мечиња порачуваат: Од Македонија и животните ќе бегаат!

Македонија има мака со многу злобни и лоши луѓе. Се крши општествен имот, се пали и краде што ќе се стигне, агресивност на секој чекор… Лошотилокот крај нема…

И државата (читај – институциите) како да се навикнуваат на сето тоа, па затоа и бледа е реакцијата по вчерашната грозоморна сцена на убиена мечка и две мали мечиња фрлени на ѓубриште во Жировница. 

Ужас!!!

Злобникот кој ова го сторил е непознат. Од надлежните се добива вообичаената реченица: „потрагата по сторителот веќе е започната“.

Колкумина здивени граѓани до сега се казнети за слично злосторство или барем за соголување, палење на шумата каде живее мечката, рисот, еленот…? Колкумина се казнети што злоставуваат животни, ги труе, ги тепа, па дури и пука по нив и во самите градови? Кога ќе си одговориме на ова ќе разбереме зошто лошите луѓе се осилени низ Македонија.

Но, не е само таа причината за лошотилокот. Во што е претворен голем дел од македонското општество? Кој станува пример за младите, кои се лидерите кои се секој ден на ТВ или на социјалните мрежи? И секако, треба да се запрашаме сите дома – како родители на што ги учиме децата?

Вандалите немаат милост кон ништо. Зарем и сите ние останатите нема да направиме ништо за тоа да се сопре?

Ејј…, од ваква Македонија и животните ќе бегаат.

 

Претходна вестЃоковиќ против кладилници и коцкарници: Треба да се запрашаме во каква околина ќе растат нашите деца?
Следна вестПочна реконструкцијата на патеката за пешаци од Влае кон Карпош на мостот „Обединети нации“