Здружени екипите на Инспекторат на Град Скопје, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Комунална хигиена, ЈП Улици и патишта Скопје и ЈП Водовод и канализација Скопје, со цистерни и тешка механизација повеќе часови работеа за гаснење на подметнатите пожари на депонијата во Визбегово. Веќе се локализирани и изгасени две од вкупно пет опожарени локации, информираа од Град Скопје.
Инспекторатот за животна средина вчера затекнал, сред палење депонии, лица на повеќе локации за кои е изречена глоба и изготвен поднесок до соодветните институции за одговорност. За време на викендот инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 25 сторители.
-Се досега единствено градот Скопје реагира, иако на територијата на градот има вкупно 14 институции коишто во вакви ситуации имаат надлежност и обврска да постапуваат, но за истото не се постапува иако имаат законска обврска. Апелираме до Владата на Р. Македонија, а особено до Министерството за животна средина за кое ова е основна и исклучива надлежност за постапување, на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на градот Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад и негово палење низ градот што е казниво и според кривичниот законик на Р. Македонија, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите, се вели во соопштението од Град Скопје.