Дали Градскиот парк се повеќе станува локација на која во градот се препродава и користи дрогата?
Прашањето се наметнува веќе подолго време, а полициската акција во понеделникот во текот на која се приведени четири лица во ова познато шеталиште на скопјани само ја потврдува оправданоста на прашањето.
Имено, полицијата соопшти дека синоќа во паркот биле приведени две девојки на возраст од 21 и 23 години, а во уште два одделни случаи приведни се 18 и 32-годишен скопјанец. Кај сите при прегледот била пронајдена марихуана, а од полицијата велат дека по документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Билансот на приведени лица заради марихуаната се надополнува и со едно 21-годишно лице кое е приведено на кејот „Димитар Влахов”.
Полициските акции се надоврзуваат на оние направени минатиот месец во Градскиот парк. Тогаш само во периодот од 11 до 4 мај таму биле приведени вкупно пет лица заради поседување на марихуана. Сето тоа го поставува прашањето дали омиленото излетиште на, посебно млади, скопјани станува истовремено и централно место за дилерите на дроги по градот? Заради тоа, добро е што полицијата таму спроведува акции кои, очигледно, треба да бидат постојани.