Холандски амбасадор Коп: Судскиот совет стана нелегитимно тело

Во мирување е ставено холандско финасирање на проектот врзан со Судскиот совет бидејќи тој се смета за нелегитимно тело. Ова вчера го соопшти холанскиот амбасадор во Македонија Дирк Јан Коп зборувајќи за состојбата во македонското судство.

Во вчерашното интервју за „Радио Слободна Европа“ тој оцени дека таа состојба е загрижувачка, а Судскиот совет го нарече „нелегитимно тело“.

– Сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. Сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна, рече амбасадорот во интервјуто за РСЕ.

Според Коп, носењето на законот со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО во февруари 2020 година во Парламентот, било клучно за Холандија да се согласи за членство на Македонија во ЕУ.

– Во изминатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат.

-Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување, тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно – вели Клоп.

Од Судскиот совет за медиумите изјавија дека со внимание го проследиле интервјуто на амбасадорот, но засега нема да го коментираа. Се дознава дека претседателот на Советот Сашко Георгиев ќе иницира средба со него, на која ќе може да се разговара за сите отворени прашања, но и како да се унапреди долгогодишната соработка со оваа амбасада.

Претходна вестTри месеци ниту трага ниту глас од внукот на Љубе Бошкоски
Следна вестПесочнo земјиште во Дубаи продадено за 32 милиони евра