И денес одекнува мислата на Конески: Јазикот е единствената наша татковина

Денеска се потстуваме на великанот Блаже Конески. Тој на денешен ден во 1993 година, почина, но неговите дела за Македонија останаа. Истакнат македонски  книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, филолог и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. За него слободно може да се рече дека успеал да обедини се што било пред него и да даде насока за се што ќе се случува по него во областа на книжевноста и културата.

Учествувал во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, а е и еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик. Сите кои го знаат или го проучиле неговото дело со години кажуваат: Конески  е Неуморен градител на убавината, умник над умниците, челник на македонската преродба, благородниот поет што ја воздигна славата на македонскиот дух, скромен, чесен, правдољубив, еден од оние светли синоними низ кои Македонецот најубедливо се претставува.

Што тој на време ги подучуваше и опоменуваше Македонците?

„Големо ни е името, ќе сакаат да ни го одземат“, ќе предвиди Конески пред многу години.

„Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“, е пораката на овој великан.

Инаку, великанот не само што зборуваше туку пред се убаво и јасно пишуваше. Во една од неговите преубави песни ја прашува везилката „како да се роди проста и строга македонска песна“, а таа во одговорот ја кажува судбината на македонскиот народ.

„Два конца парај од срцето, драги,
Едниот црн е, а другиот црвен,
Едниот буди морничави таги,
Другиот копнеж и светол и стрвен“, пишува Конески во песната „Везилка“.

Црниот како црната судбина на македонскиот народ а црвениот како вечната борба и за опстанок. И во таа борба за опстанок и чување на духовното бара особено да се внимава на лажните пророци.

„Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!“, вели Конески во песната „Лажни пророци“.

Конески почина на 72-годишна возраст, но тој припаѓа на оние великани кои толку го задолжиле својот народ, како да биле со него од секогаш и како да се тука секогаш.

Претходна вестЖестоки протести во Солун и Атина поради малолетен Ром кој беше застрелан од полицаец
Следна вестОвојпат МОН ќе биде понавремен: Објавен повик за учениците во трето одделение во следна учебна година