И добрата идеја за стипендирање на студенти во странство ја упропастија

Македонското образование е во хаос. Надлежните слабо работат, но и се чини дека за образованието се издвојуваат недоволни парични средства.

Нема доволно пари те за учебници, те за кабинети и наставни помагала, те за училишни тоалети, те за стимулирање на таленти, те за истражувачки работи на факултетите.

Сепак, добро е, се наоѓаат пари барем за стипендирање на студентите кои учат на првите сто рангирани универзитети на Шангајската листа. Но, колкаво фајде има Македонија од тоа?

Независниот академски синдикат вчера објави поразителни податоци коишто се однесуваат на државното стипендирање на нашите студенти по светот. Излезе дека Македонија помеѓу 10 и 25 милиони евра потрошила во последниве 13 години на стипендирање на околу 300 студенти на првите 100 универзитети на Шангајската листа. Стипендиите воопшто не се мали – за додипломски студии се 40.000 евра, за магистерски 36.000 годишно… Меѓутоа, најголемиот дел од овие студенти потоа, по завршувањето на студиите, останале да работат во странство и не се вратиле во Македонија.

На пример, од оние студенти кои во периодот од 2013 до 2017 година добиле стипендии, од 61 кои добиле стипендија за прв циклус на студии во земјава се вратиле само 11, во странство останале 41, а за девет немаат податоци. Од 165 стипендии доделени за магистерски студии, пак, во земјава се вратиле само 59 корисници.

Поразителни податоци. Прави ли ресорното министерство анализа зошто е така?

Излегува дека Македонија го плаќа школувањето на стручњаци кои потоа ќе работат во странски земји кои ништо не инвестирале во нив. Може ли ваквата пракса да продолжи без државата да се запраша како понатаму?

Прво што треба да се направи е да се утврдат точните причини зошто голем дел од стипендистите не се вратиле во татковината која им го плаќала школувањето.

Второ, треба да се провери дали конкурсните документации се прецизни и јасни во обврските кои ги имаат стипендистите кон Македонија.

Трето, државата треба да почне постапки за да си ги врати вложените пари од оние студенти кои не се вратиле во земјата.

Четврто, власта веднаш да ги смени навиките и наместо вработување на партиски кадри, да дава шанса на овие студенти кои сигурно стекнале знаења.

Има и други работи кои треба да се направат, но со овие треба да се почне веднаш. Државата треба да го гледа својот интерес кога веќе скапо го плаќа студирањето на овие лица во странство. А тоа е потребата тие да се вратат во Македонија (барем извесен број на години), тука да работат и да го применуваат она што го научиле на престижните универзитети или да ги вратат парите.

Ако, пак, надлежните не се способни ниту оваа добра идеја со стипендирањето да ја спроведат целосно во пракса, тогаш можеби е подобро овие стипендии да се преполоват, па дури и укинат, а тие средства да се пренасочат во македонската наука и за тукашни институти, факултети и за студенти кои во Македонија сакаат да творат.

И секако, и тука дадените пари треба добро да се проверуваат за што се трошат. Доста е веќе со површност, а образованието тоне.

Претходна вестМладата фудбалска репрезентација на Македонија одигра нерешено со Црна Гора
Следна вестДиректорот на ЈП “Водовод и канализација“: Имаме недостаток на водоинсталатори и инкасатори, а превработеност на административци