И власта слави независност на Македонија, а колку од независноста сочува?

Македонија денеска почна со славењето на Денот на својата државна независност. Тоа е голем ден – ден кога пред 31 година македонските граѓани на референдумот одржан на 8 септември 1991 година со убедливо мнозинство од 95,09 отсто се изјаснија дека се за самостојна Македонија. Денеска Владата под мотото: „Обединети во слободата“ ќе го одбележи тоа.

Денеска треба да се присетиме дека во тие времиња се избра македонски парламент, влада, претседател, се воведе македонски денар, се испеа химна, се вееше знаме, се напиша Устав… Историски времиња. Времиња кога граѓаните силно веруваа дека политичарите ќе градат вистинска независна држава чии граѓани ќе решаваат сами за сопствената судбина и ќе имаат вистинска самостојна и независна држава.

Додека се слави, не е лошо и да се запрашаме: а колку од тогаш изгласаната независност е сочувана? Властите (сите до сега) ја зацрвстуваат независноста или ја намалуваат парче по парче?

Уште во првите години од независноста Македонија стана ретка држава во светот која смени свое знаеме на барање на друга држава. Македонските политичари прифатија и разни кратенки наместо име на државата во ОН. Сведоци сме дека на надворешен притисок други македонски политичари сменија Устав и име на државата. Се откажаа и од македонските малцинства во соседните земји. Секоја посериозна тема во земјава се решаваше со помош на амбасадори. Сега е во процес и откажување од дел од македонската историја на инсистирање на друга држава, се поткопува и националниот идентитет на Македонците, се…

И тоа се преставуваше и преставува како успех и како компромис кој Македонија ја води кон поголема стабилност и просперитет. Дури и до поголема – независност.

Дали е така? Колкава е сега независноста на Македонија? Ќе се сочува или ќе се урне целосно сонот и идеалот за самостојна и независна држава?

Не е доволно претседателот, премиерот, министрите… на овој ден да држат свечени говори за независноста. Треба да се борат таа да биде сочувана, а она што е изгубено да го вратат назад.

Знаеме дека за славење ги бива, ќе ги биде ли и за работење во корист на Македонија?

Претходна вестИндекс на човековиот развој на ОН: Очекуваниот животен век во Македонија се намали од 75,2 на 73,8 години
Следна вестПолицијата на Албанија упадна во иранската амбасада, дипломатите ги изгореле документите