Индекс на човековиот развој на ОН: Очекуваниот животен век во Македонија се намали од 75,2 на 73,8 години

Македонија се најде на 78-то место во светот од вкупно 191 светска држава според новиот Индекс за човеков развој 2021/2022 година, кој го објавува Програмата за развој на Обединетите Нации.
Во земјава очекуваниот животен век е 73,8 години, граѓаните се очекува да поминат 13,6 години во школување, додека бруто-националниот приход на секој жител изнесува 15,918 долари годишно.
Ова ја става Македонија на дното во регионот според Индексот за човеков развој. Пред земјава се наоѓаат Словенија (23 место во светот), Грција (33) Хрватска (40), Црна Гора (49), Србија (63), Албанија (67), Бугарија (68) и Босна и Херцеговина (74 место).
Во споредба со претходниот Индекс, иако севкупното рангирање С. Македонија бележи напредок од една позиција, сепак Индексот е опаднат од 0,774 на 0,770. Падот најмногу се должи на намалениот животен век, од 75,2 години во 2020 година на 73,8 години во Индексот за 2021/2022 година.
Глобално Индексот оваа година покажува дека деценискиот прогрес во животниот век, образованието и економскиот просперитет забележува назадување по почетокот на пандемијата. Претходниве две години девет од секои десет држави имаат назадување според Индексот на човеков развој. Како главни виновници кои го вратиле наназад глобалниот развој се издвојуваат Ковид-19, војната во Украина и влијанието на климатските промени.
Оваа година Швајцарија го предводи Индексот со очекуван животен век од 84 години, просечни 16,5 години поминати во образование и бруто-национален приход по глава на жител од 66.000 долари годишно. На првите пет позиции во светот се наоѓаат уште и Норвешка, Исланд, Хонг Конг и Австралија.

Претходна вестЗагина маж од Неготино откако бил удрен од воз
Следна вестИ власта слави независност на Македонија, а колку од независноста сочува?