Има ли место во Скопје каде се гради навистина плански и хумано?

Урбанистичкиот хаос во Скопје одамна го отежнува животот на скопјани. Секако, за некој тоа е и време на профит и градење без никаков усул и желба за хуман пристап. Ќе му се стави ли крaј на сето тоа?

Тензии, обвинувања за корупција, протести на граѓаните, вцртувања на нови градежни маркички, бетонски чудовишта… сето ова деновиве се слуша и се случува врзано за носење и менување на Детални урбанистички планови по скопските општини.

Се слушнаа обвинувањата дека се подготува „монструозен ДУП и бетонско чудовиште“ во наслебата Ќерамодница, во Гази Баба. Се тврди дека се вцртани маркички за 16 згради високи по 34 метри, дека е предвидена изградба на 100.000 метри квадратни бетон и асфалт, без соодветно зеленило…

Во скопската општина Центар, пак, излегоа обвинувањата дека „шверцерски“ и на брзина се донесоа измени во ДУП-от за Стара железничка станица, дека се вцртала зграда на тесниот простор меѓу објектот на НЛБ – банка и ТЦ „Рамстор“, дека значително „пораснале“ другите објекти… Таму почна и реализација на ДУП-от за „Буњаковец и Треска“, според стариот План иако се бараше и имаше нов конкурс. Оној ДУП за паркингот кај ГТЦ почна веќе да се реализира иако и таму имаше барања за ревизија.

Во Карпош имаше тензии околу планот за просторот кај „Реплек“.

Во Аеродром граѓаните не ги прифаќаат ниту новите измени во ДУП-от за Лисиче бидејќи предвидените станбени и други објекти ќе ги остават тамошните жители без воздух. Се бараат промени, корекции, но сето тоа тешко оди.

Примерот со ДУП-от за „Расадник“ во Кисела Вода покажа дека малку помага и распишувањето на меѓународен конкурс… 

Проблемите со ДУП-овите, очигледно се тешки и во нив се вплеткани многу интереси – оние на сопствениците на имотите, на соседите, на општините, на инвеститорите… Секој сака да зграби повеќе, а не мисли што ќе стане со животниот простор.

Зеленилото го нема во плановите. А токму тоа недостига и токму тоа гледаме сега во овие неподносливи жештини колку е потребно.

А така е и поради тоа што јавноста многупати беше сведок на најразлични манипулации и изигрувања и на Генералниот и на Деталните урбанистички планови. Се одржуваа итни седници на општинските Совети, прекуноќ се менуваа Плановите, се допишуваа, се бришеа маркичките, никнуваа многу објекти кои сега го нагрдуваат скопскиот простор.

Оттаму и желбата и барањата на граѓаните тоа да се запре, да почнат да се применуваат објективни и реални урбанистички стандарди кои ќе им одговараат на сите. Тоа е можно доколку на планирањето на ДУП-овите му се пријде без скриени намери да се профитира по секоја цена.

Има ли јунак да стави ред во сето тоа или Скопје полека, полека ќе стане неподнослив град за живеење?

Претходна вестМосква нападната со дронови
Следна вестЕдно лице загина во сообраќајка во близина на Битола