Иницијаторите се откажаа од вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ нема да одрѓи вонреден конгрес на 28 март.

Како што соопштија од Одборот, ваквата одлука ја донеле поради влошената епидемиолошка состојба и доцнењето со техничките подготовки, а за новиот термин наскоро ќе ги информираат делегатите и јавноста.

Иницијативниот одбор претходно побара оставка од лидерот на партијата Христијан Мицкоски и најавија дека ќе бараат отчет од него за остварувањата во досегашните  изборни циклуси, како и избор на ново раководство преку вонредниот конгрес.

Во Одборот членуваат дел од поранешните високи функционери и истакнати членови на партијата, а ова тело на 10 февруари донесе одлука да закаже вонреден конгрес за 28 март.

Според членовите на Иницијативниот одбор, тие успеале да обезбедат поддршка од мнозинството делегати кои гласале на конгресот кога Мицкоски беше избран за претседател.

Од друга страна, пак, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Централниот комитет на партијата за ваквата иницијатива заседавал уште пред неколку месеци и едногласно донел одлука таа да биде отфрлена.

Официјалната одлука на ВМРО-ДПМНЕ е за одржување редовен конгрес на партијата на крајот на месец ноември.

Претходна вестСведочење на Орце Камчев: Бојан со „Меѓународен сојуз“ направи од цел град мајмуни
Следна вестОЈО отвори предмет за набавката на софтверот на Рашковски