Интерактивна работилница за гатанаките во Градската библиотека во Скопје

Утре, петок, 16 јуни, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи мултимедијалниот интерактивен перформанс „Црвен конец, црн конец – катранка“ посветен на гатанката и афирмацијата на народното творештво. Поради временските услови работилницата ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток во 19 часот.

Авторите кои го создаваат овој перформанс тргнуваат од првобитна намена на гатанката и нејзината педагошката функција, за да стигнат до нејзиниот забавен карактер. За нив гатанката е форма која ја поттикнува и ја става на тест човечката креативност, покажувајќи ја својата улога во фолклорот. Интеракцијата се добива кога водителите поставуваат гатанка, а одговорот го дава публиката. Тоа е основата за вториот дел од настанот: одговорот на гатанката е проследен со читање поетска творба чија тема е токму решението на гатанката.

Перформансот завршува со преслушување македонска чалгиска музика.

Во „Црвен конец, црн конец – катранка“ учествуваат: Софија Тодороска, Пепи Стамков, Светла Јакшиќ и Емануела Ковачевска Китановска.

Претходна вест,,Шеќерни луѓе” на Сузана Диневски добитник на 23 награди
Следна вестЛитературно-музички хепенинг „Читањето е супермоќ“ на Школка во Градскиот парк