,,Шеќерни луѓе” на Сузана Диневски добитник на 23 награди

„Шеќерни луѓе” на режисерката Сузана Диневски е награден со 23 награди во различни категории и е селектиран во официјална селекција на 60 филмски фестивали ширум светот. Меѓу последните награди, ,,Шеќерни луѓе” е награден за најдобар краткометражен игран филм на ,,8-миот Инка Империал” меѓународен филмски фестивал во Лима, Перу.

„Шеќерни луѓе” на 16-ти јуни во 13 часот, ќе биде прикажан во официјална селекција на меѓународниот филмски фестивал ,,BJX Bajio”, во Гванахуато, Мексико. На 25 јуни, во 21.30 часот ,,Шеќерни луѓе” ќе биде прикажан во официјалната селекција во програмата ЕCHOES пред португалската публика за време на 19-та едиција на филмскиот фестивал за нови режисери FEST – New Directors | New Films Festival што се одржува во Еспинхо, Португалија од 19 до 26 јуни, каде филмот се издвои од над 3500 пријавени филмови и е селектиран во ограничената листа на избрани филмови.

Инаку, во периодот февруари-мај, филмот беше прикажан на филмскиот фестивал во Камбрија, Калифорнија, САД како и на филмскиот фестивал за жени ,,Каскадија’’, во Белингхам, Вашингтон, САД. Натаму, филмот имаше проекција за време на 21-та едиција на меѓународниот фестивал за кратки филмови ,,Радио Сити”, во Валенсија, Шпанија, како и на меѓународниот филмски фестивал ,,Инка Империал”, што се одржа во Лима, Перу. Проекции на ,,Шеќерни луѓе” се одржаа и на филмскиот фестивал ,,Балкан панорама” во Измир, Турција и на меѓународниот филмски фестивал во Барлета, Јужна Италија.

Проекциите на ,,Шеќерни луѓе” во официјална селекција продолжуваат и во наредниот период од јуни до септември на Балкански фестивал за филм и храна во Подградец, Албанија, на филмскиот фестивал за Југо-источна Европа во Париз, Франција, на филмскиот фестивал ,,Европа сега” во Глазгов, Обединето Кралство, и на меѓународниот филмски и видео фестивал во Маракај, Венецуела. Проекција на ,,Шеќерни луѓе” во официјална селекција е потврдена и за време на филмскиот фестивал ,,Љубов и надеж’’ во Барселона, Шпанија што се одржува од 15 до 22 септември, 2023.

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.

Претходна вестВоен аналитичар: Украинскиот замав е запрен, а никој не знае зошто
Следна вестИнтерактивна работилница за гатанаките во Градската библиотека во Скопје