Погребната церемонија на Исмаил Ханије, политичкиот лидер на палестинската екстремистичка група Хамас, поддржана од Иран, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, денеска се одржува во иранска престолнина Техеран.
Иран соопшти дека Ханије (62) е убиен во Техеран во напад за кој го обвини Израел и предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.
Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи ја предводеше погребната молитва, додека луѓето се собраа во центарот на Техеран носејќи портрети на Ханије и палестинското знаме, јавува Радио Фарда на Радио Слободна Европа.
Ханије треба да биде погребан подоцна во главниот град на Катар, Доха.
Хамнеи се закани со „строга казна“ за убиството на Ханије.
Муза Абу Марзук, член на Хамас, исто така вети дека Ханије ќе биде одмазден.
-Убиството на водачот Исмаил Ханије е кукавички чин и нема да остане без одговор, рече Марзук.
Засега никој не ја презеде одговорноста за атентатот, но се сомнева дека зад убиството стои Израел, кој претходно вети дека ќе ги убие лидерите на Хамас поради нападот на групата на 7 октомври.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека Тел Авив е подготвен за секое сценарио по убиството на лидерот на Хезболах Фуад Шукр, јавува Анадолија.
Нетанјаху нагласи дека војната во Газа нема да заврши.
-Од почетокот на војната, јасно кажав дека се бориме против иранската оска на злото“, рече Нетанјаху во снимената порака што ја пренесуваат локалните медиуми.
Тој додаде дека во своето обраќање пред американскиот Конгрес ги истакнал „трите главни оружја на иранската оска на злото: Хамас, Хути и Хезболах“.
-Во изминативе неколку дена на секој од нив им зададовме потресен удар. Пред три недели го нападнавме началникот на Генералштабот на Хамас Мохамед Деиф. Пред две недели ги нападнавме Хутите во една од најдалекусежните операции, а вчера го гаѓавме началникот на Генералштабот на Хезболах, рече Нетанјаху.
Израелската армија потврди дека во вторникот вечерта извршила напад во јужните предградија на Бејрут. Израел тврди дека Шукр бил мозокот на саботниот ракетен напад врз Мајдал Шамс, во окупираната Голанска Висорамнина, во кој загинаа 12 лица. Хезболах негираше каква било одговорност за смртоносниот напад.