Историчарот Чепреганов: Македонците во Бугарија уште во 1923 година го славеа Илинденското востание, тогаш бугарската држава не чествуваше

Илинденското востание живее во колективната меморија на македонскиот народ, но ние можеме да бидеме единствениот народ во светот кој за влез во ЕУ ја модифицира својата историја, предупредува историчарот Тодор Чепреганов. Во интервјуто за „Скопско Ехо“ тој додава дека народ кој не го почитува и чествува споменот за својата историска генеза и борба е осуден да се најде на буништето на историјата

o Дали Илинден, Илинденското востание и традиција базирани на него се доволно чуваат и негуваат во Македонија

– Во историјата на секој еден народ, нација постојат настани, личности и процеси кои оставиле длабоки траги во нивната колективна меморија. Делата на тие личности, настани и процеси се пренесуваат од генерација на генерација и да не се заборават се организираат чествувања на кои за момент се потсетуваме на тоа што го направиле со единствена цел да не се заборави за да не се повтори. Тоа е органското и врзно ткиво на тие настани со денешните генерации. Како се однесувате кон својата културна и историска оставштина така и ќе ве ценат во светот.

За жал, како Македонци не можеме да се ставиме во редот на оние држави кои имаат достоинствен однос кон историските настани, личности и процеси на својот народ. Институциите на државата кои се задолжени да го одржуваат споменот на историските личности, настани и процеси, во сегашната партиско политичка констелација, го прават тоа пред се под притисок на јавноста или чествувањето го преземаат во свои раце невладините организации. Особено по потпишувањето на договорот со Бугарија и формирањето на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања која треба да испорача заедничка историја со Бугарија чествувањата се одржуваат срамежливо со цел да не се навреди Бугарија,а во тој контекст и договорот со Грција и да им се угоди на нивните барања. Интенцијата е преку политичко историски инжинеринг да се промени колективната меморија на македонскиот народ за неговите историски настани, личности и процеси и да се доведе во ситуација самиот да ја негира сопствената историја, пред се борбата на македонскиот народ за своја самостојна и независна македонска држава. Може да се случи да бидеме единствениот народ во светот кој за влез во ЕУ ја модифицира својата колективна меморија и споменот за своите личности, настани и процеси од историјата. Во тој контекст е и негувањето на традициите за Илинден и Илинденското востание. Народ кој не го почитува и чествува споменот за својата историска генеза и борба е осуден да се најде на буништето на историјата. Народ кој нема колективна меморија е болен или ќе се разболува.

o Дали Илинденското востание е предмет на најразлични присвојувања од страна? Се обидува ли некој и кој да ни ја одземе и уништи и таа гордост?

– Ако се вратиме малку назад во историјата ќе видиме дека Илинден и Илинденското востание организирано го чествувале Македонците во Бугарија уште во 1923 година преку  тогаш формираната Илинденска организација. Таа секоја година ги организирала чествувањата за Илинден на кои присуствувале Македонците учесници во востанието и македонската емиграција во Бугарија. Тогашнита бугарска држава не учествува во организирањето на чествувањата.

Чествувањето е само на Илинденската организација. Нема заеднички чествувања за Илинденско Преображенско востание. Илинденското востание живее во колективната меморија на македонскиот народ и затоа само Македонците го чествувале. Првото официјално лице Бугарин кој присуствувал на чествувањето на Илинденското востание бил градоначалникот на Варна во 1939 година. За време на Втората светска војна бугарските окупаторски фашистички власти увидувајќи со каков пиетет Македонците се однесуваат кон Илинденското востание формираат Илинденски организации со цел да покажат дека востанието е бугарско. Од тогаш овој процес на негирање на припадноста на Илинденското востание од бугарска страна продолжува до денес, со исклучок на периодот на културната автономија во Пиринска Македонија. Денес, за жал, обидот за негирање е влезен во договорот за (не)пријателство и (не)добрососедство со кој се предвидува заедничка историја и истото е подржано од ЕУ. Дали во 21 век повторно ќе го поминуваме патот од негирање до признавање останува да се види. А се зависи од самите нас. Кој не учи од историјата ја повторува како фарса. Дали тоа ќе бидеме ние?

o Кои се главните атрибути на видливоста на македонскиот карактер на Илинденското востание?

– Главните атрибути не само за видливоста на македонскиот карактер на Илинденското востание туку и на целокупната национално ослободителна борба на македонскиот народ ги покажуваат зборовите на Гоце Делчев:

„Сите страдања, опожарувања, убиства ги поднесе македонскиот народ. Беше оставен на милост и немилост на османлиските власти. Европските монарси беа соучесници во сето тоа не преземајќи никакви санкции кон Османлиската Империја“.

„Дали може да им друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има и народ по понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија“.

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешно востание. Кој мисли инаку да се ослободи се лаже и себеси и другите?“

Иако беше убиен само неколку месеци пред востанието овие негови зборови го покажуваат карактерот на Илинденското востание.

Од денешен аспект главниот атрибут за видливоста на македонскиот карактер на Илинденското востание е фактот што тој настан цели 120 години непрекинато живее во колективната меморија на македонскиот народ каде и да се наоѓа. Организацијата која го организираше востанието беше македонска. Нејзините организатори беа Македонци од Македонија. Организацијата беше формирана во Солун. Целокупната активност на  организацијата се одвиваше на територијата на Македонија. Крајната цел на востанието беше формирање на автономна или независна македонска држава што беше мотивирачки и мобилизациски фактор за народот кој ја прифати организацијата како своја. Целата територија на Македонија беше покриена со мрежа на локални комитети кои ги вршеа припремите за востание. Колку длабоко беше врежана меморијата за Илинденското востание зборува и фактот што само 38 години по него идејата на илинденците за самостојна и независна држава беше прифатена од македонските партизани кои на крајот и ја реализираа нивната идеја за самостојна и независна македонска држава на 2 август 1944 година. Исто така видливоста за македонскиот карактер се согледува и во фактот што македонските партизански одреди во трите дела на Македонија беа именувани со имињата на македонските револуционери од Илинденскиот период со што се покажува нераскинливата врска на колективната македонска меморија. Уште една потврда на македонскиот карактер на востанието е фактот што на Првото заседание на АСНОМ Илинден е прогласен за национален празник. А денес 120 години по Илинденското востание во бугарскиот парламент е поднесена декларација со која Бугарите си го прогласуваат Илинден и Илинденското востание за бугарски?! Ова само покажува колку тоа Бугарите го сметале Илинден за бугарско востание. Но може и да бидат во прво откако ЕУ ќе побара ние, Македонците, да се откажеме од Илинден во име на нашиот пат кон ЕУ, а тоа да биде подржано од мултидисциплинарната комисија за историски и образовни прашања и се во име на „заедничката историја“.

Претходна вестСкопјанец пријавил во полиција: Го нападнал и со возило му ја прегазил ногата
Следна вестМосква повторно нападната со дронови