Историски успех: Калин Ивановски во четвртфиналето на јуниорскиот Вимблдон!

Младиот македонски тенисер Калин Ивановски запиша голем успех и се пласира во четвртфиналето на јуниорскиот Вимблдон. Тој попладнево во осминафиналето со 6:4, 5:7 и 6:0 го победи осмиот носител, Литванецот Едас Бутвилас.

Младиот Калин по одлично одиграниот прв сет пласманот во четврфиналето можеше да го обезбеди експресно по само два одиграни сета, но во вториот сет по водството од 4-2 во гемови ја загуби концентрацијата и му дозволи на противникот да го добие сетот и да израмни на 1-1. Сепак, Ивановски супериорноста ја покажа во третиот сет, недозволувајќи му на противникот да освои ниту еден гем.

Противник на нашиот Калин Ивановски во четвртфиналето ќе биде подобриот од мечот меѓу Артнак од Словенија и Шпанецот, Роденас.

Ова е трета победа за 18-годишниот Ивановски во досегашниот дел од турнирот, откако претходно ги елиминираше Британецот Пау и Мексиканецот Пачеко.

Ивановски го привлече вниманието на тениската јавноста со необичниот ас со кој ја потврди победата над Пачеко, кого го изненади со сервис пласиран меѓу своите нозе. Британскиот весник „Мирор“ потсети дека ваков потег претходно имаат изведено и Ник Кирјос и Енди Мареј. Ова е најголемиот успех во кариерата на Ивановски, кој досега никогаш не го поминал првото коло на гренд слем турнирите.

 

Фото: ФБ на Калин Ивановски

Претходна вестМитрески: Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку за заклучоци со кои Собранието ќе ја задолжи Владата
Следна вестУапсен инспектор на УЈП, кој барал поткуп од 700 евра