Избори во Србија: Вучиќ прогласи победа на СНС, опозицијата обвинува за изборна кражба

Српска народна странка од чии редови е претседателот Александар Вучиќ прогласи победа на вчерашните избори, а опозициските партии, пак, реагираа на нерегуларности. Вучиќ синоќа објави дека листата „Србија не смее да запре“ на неговата партија Српска напредна странка (СНС) победила на парламентарните избори и освоила апсолутно мнозинство во идниот парламентарен состав. Тој прогласи победа и на покраинските избори во Војводина, а рече дека освоиле најмногу гласови и на локалните избори за Белград, но не се знае кој ќе ја има власта во главниот град.

Во последното обраќање од опозициската коалиција Србија против насилството, пак, обвинија за изборна кражба и рекоа дека тоа што се случувало не може да го прифатат како резултати на демократски избори. За победа на СНС во Белград, рекоа, не станува ни збор.

Во Србија се гласаше на вонредни парламентарни, покраински и локални избори во повеќе од 60 градови и општини.

Српскиот претседател рече дека неговата партија ќе има „секако повеќе од 127 мандати“.

-Тоа што е резултат на изборите, листата Србија не смее да запре ќе има апсолутно мнозинство, рече Вучиќ.

На основа на 76 отсто обработени гласови, тој во обраќањето посочи дека опозициската коалиција Србија против насилството има 23,5 отсто. Неговиот досегашен коалициски партнер, Ивица Дачиќ со Социјалистичката партија, посочи Вучиќ, има 6,5 отсто. Коалицијата Надеж 4,9 отсто, додека листата „Доктор Бранимир Несторовиќ – Ние – глас од народот“ 4,9 отсто. Ова се партиите, кои според проекциите на владејачката СНС го поминале цензусот од три отсто и ќе бидат застапени во парламентот.

Од листите на малцинствата, пак, според податоците на владејачката партија, најбројни ќе бидат од Сојузот на војводинските Унгарци кои освоиле 1,9 отсто и ќе имаат шест пратеници. Вучиќ, исто така, прогласи победа и на покраинските избори во Војводина. Тој претстави резултати според кои неговата СНС од 120 пратенички места во покраината, ќе има помеѓу 67 и 69 мандати. Второпласирана е Србија против насилството со, според него, 28 или 29 пратеници.

Српскиот претседател рече дека листата на СНС победува и на локалните избори во Белград со освоени 38,5 отсто. Опозициската Србија против насилството има 35 отсто, а на шест отсто е коалицијата Надеж. Социјалистичката партија, пак, освоила 5,4, а листата на докторот Несторовиќ 5,1. Тој вели дека со оглед на ваквите резултати не се знае кој ќе ја има власта, но сепак, верува оти кандидатот на неговата партија, досегашниот градоначалник Александар Шапиќ, ќе остане на чело на Белград.

Од опозициската коалиција Србија против насилството, пак, рекоа дека „нема збор оти СНС победила во Белград и покрај изборната кражба и носењето луѓе од страна“.

 

Мирослав Алексиќ, кој е еден од лидерите на коалицијата, наведе дека според информациите на нивниот опозициски блок „издадени се 40 000 лични карти на лица за да дојдат да гласаат со белграѓани“.

-Носени се луѓе кои не се од Белград за да гласаат во Белград, додаде тој.

Тој рече дека нивната коалиција не може да го прифати тоа и дека со сите средства ќе се борат против изборната кражба.

-Ние денеска присуствувавме на едно невидено изборно насилство. Ова што се случи денеска ширум Србија, не може да биде нешто што можеме да го прифати како резултат на демократски и фер избори, рече Алексиќ.

Тој посочи дека сè уште на голем број избирачки места, пред сè во Белград, гласовите се бројат. Според нивните податоци од 29,17 отсто избирачки места, СНС освоиле 43,2 отсто. Србија против насилството 28,2 отсто, потоа е Социјалистичката партија со 6,7 отсто, коалицијата Надеж со 5,5 и листата на Несторовиќ со 4,8 отсто.

Лидерот на Социјалистичката партија и актуелен министер за надворешни работи Ивица Дачиќ им честиташе на Вучиќ и СНС за изборниот резултат, а тој и социјалистите, рече, не се задоволни од сопствениот резултат. Наведе дека треба да се анализира што е причината за тоа.

-Потребно е да се најде нов лидер на Социјалистичката партија, тоа е мое мислење, рече Дачиќ додавајќи дека да не се неговите другари од партијата уште денес би донел некои одлуки.

Десничарската коалиција Национално обединување на Двери и Заветници, пак, која според проекциите не го поминала цензусот, тврди дека тоа не е точно и оти ќе бидат дел од парламентот. Претседателката на Заветници, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски изјави дека коалицијата освоила 3,8 отсто гласови на оние избирачки места каде се обработени гласовите.

-Без разлика на резултатот, ние ќе останеме доследни на нашата политика, рече таа.

Лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, пак, рече дека Србија не е зрела за Национално обидување.

-Србија е заложник на поранешните политики, поранешните режими кои постојано се рециклираат на избори. Ние направивме Национално обединување предвреме, рече Обрадовиќ.

Претходна вестПронајдено 15-годишното девојче од Велес, по кое се трагало од февруари
Следна вестСончев ден по студено утро