Избрани нови обвинители, меѓу нив и синот на Талат Џафери и сопругата на Ислам Абази

Совет на јавни обвинители денеска ја одржа 80-тата седница на која, беа избрани 18 јавни обвинители во 12 јавни обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип. За Основен јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Штип беше избрана единствената пријавена кандидатка, односно досегашна вршителка на должност, Татјана Кацарова.

Останати обвинители кои се избрани ќе стапат на функција од следниот месец и тоа во: ОЈО Битола – Борче Коруновски и Марија Чурлиновска, ОЈО Велес – Александра Станковска, ОЈО Гостивар – Илир Јакупи, Барлет Џафери и Александра Димоска, ОЈО Дебар – Анита Граждани Пачуку, ОЈО Делчево – Сузана Бошнаковска, ОЈО Кичево – Албулена Абази и Емрах Михтароски, ОЈО Куманово – Самир Акифи, ОЈО Охрид – Кристина Илиеска Атанасова, ОЈО Прилеп – Стевчо Биновски, ОЈО Свети Николе – Дарко Цветановски, ОЈО Струга – Ермира Муса-Нура и ОЈО Тетово – Илир Абдурахмани, Нина Димитриеска и Јетмир Беџети.

Меѓу избраните обвинители во ОЈО Гостивар е и Барлет Џафери, синот на собранискиот спикер Талат Џафери. Тој го мина изборот претходно под контроверзни услови, бидејќи Државната комисија за спречување на корупција објави дека тој положил правосуден испит пред да дипломира. Избрана е Албулена Абази, сопругата на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Таа ќе ја обавува функцијата во ОЈО Кичево.

Во изјава за медиуми по денешната 80. Седница на која беа избрани нови 18 обвинители во 12 обвинителства низ земјава и еден Основен јавен обвинител во ОЈО Штип, претседателот на Советот Антонио Јолевски истакна дека остануваат уште десет неизбрани обвинители.

– Избрани се 18, десет останаа неизбрани. Дел од нив не се јавија, многу мал дел, поголемиот дел се јавија во обвинителства во кои знаеја дека нема да бидат избрани. Куманово, кое е на два чекори од Скопје никој не се пријави, иако беа сигурни дека ќе бидат избрани во Куманово, каде што има голем недостаток на обвинители, но, никој не се јавува, рече Јолевски.

Тој информираше дека празно остана само Јавното Обвинителство во Крива Паланка.

– Гевгелија, Делчево и Ресен останаа со по еден обвинител кој до крајот на годината ќе замине во пензија, а распишавме оглас, никој не се јавува. Тие се обвинителства кои сѐ додека постои ваквата организациона поставеност, треба да бидат пополнети, рече тој.

Во врска со огласот за ОЈО ГОКК и Вишото јавно обвинителство рече дека имаат веќе завршени огласи за по двајца обвинители и најави дека наскоро ќе има оглас и за Основното Јавно обвинителство во Скопје и дека по сите огласи планираат да биде одлучено пред одморите.

– Јас не мислам да чекаме да завршат одморите, тоа ќе биде префрлање на топката до недоглед. Мора да одиме на одмор со веќе завршена работа, рече тој.

На прашањето за биографијата на кандидатот Барлет Џафери, за кого ДКСК објави дека положил правосуден испит пред да дипломира, Јолевски рече дека целосната документација што е потребна за кај нив е важечка, а за останатото, според него, требало да се погрижат другите надлежни институции.

– Целосната документација што е потребна за кај нас ја има и е важечка, ние не можеме да се впуштаме во тој дел, не е наша надлежност. Оние институции кои треба да се грижат, би требало да интервенираат доколку сметале дека нешто не е во ред. Министерството за образование, Министерство за правда, кога полагале правосуден испит, ниту еден досега нема поведено постапка, ниту, колку што знам, ДКСК го има затворено предметот како предмет, рече тој.

Претходна вестПриведени две лица, изработувале фалсификувани банкноти
Следна вестПрвезувал 23 мигранти во „мерцедес вито“, пред него возел автомобил како претходница