Од утре до 15 јули љубителите на уметноста ќе можат да уживаат во излобата на уште една македонска уметница Марија Светиева. Со почеток во 12 часот утре се отвора изложбата во галеријата „Кора“, 48 нејзина по ред.
– Оваа изложба за мене е интимен говор на битието. Самиот спектар на бои ги дополнува формите и пределите на нашето поднебје. Форматите на сликите се 30х40 и 50х70 сантиметри, а акварелот е работен во мојот препознатлив стил, со многу бои преку кои ги прикажувам емоциите на естетски начин. Инспирирана бев од убавините на: Пелистер, Јакупица, Кратово, Охрид, Дојран, Преспа… И самата техника на изработка е повеќе експресивна, а некаде спонтана, работена по сеќавање, објаснува Светиева во очи на отворањето.
Таа до сега учествувала на 290 групни изложби низ целиот свет, а 17 награди за графика и цртеж добила во: Франција, Италија, Шведска, Јапонија и секако во Македонија.