Извршен надзор во гевгелиската градинка: Детето се стекнало со гребнатинки при пад во игра со останатите деца

Пад во игра со останатите деца е причина за гребнатинките на 10-месечното дете, покажал вонреден инспекциски надзор во градинката „Детска радост“ во Гевгелија. Надзорот е извршен откако пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ангелина Петкова на прес конференција информираше дека таму имало брутално насилство врз 10 месечно бебе и дека директорката на градинката Елизабета Стефановска се обидела да го скрие случајот.

Министерството за труд и социјална политика денеска соопшти дека во рамките на своите надлежности спровело вонреден инспекциски надзор.

-Од страна на инспекторите на терен, а согласно дадените изјави на негователките во групата на деца каде што е посочен немилиот настан, детето се стекнало со гребнатинки при пад во игра со останатите деца. Гребнатините веднаш биле санирани од негователките, а детето продолжило со вообичаените активности, како и сите деца во групата. Мајката била известена за настанот при преземањето на детето од установата, со оглед на проценката на негователките од нивната досегашна пракса дека се работи само за гребнатинки. Директорката на установата била известена за настанот, од страна на негователките истиот ден.  При увид во листата за евиденција на присутни деца, детето од следниот ден не ја посетува градинката, од причина што по претходна најава кај негователките од страна на родителите отпатувало со мајката во странство, велат од МТСП.

Оттаму додаваат дека директорката на Јавната општинска установа за деца- детска градинка ДЕТСКА РАДОСТ – Гевгелија, поднела предлог за поведување на дисциплинска постапка против негователките и донела Решение за формирање на комисија за утврдување на повреда на работната дисциплина. Од МТСП нагласуваат дека при вонредниот инспекциски надзор е утврдено оти директорот  на  Јавната  општинска  установа за деца- детска  градинка „Детска радост“ –Гевгелија, постапил согласно одредбите од Законот за заштита на децата.

-Министерството за труд и социјална политика остро ги демантира изјавите на член на политичката партија на ВМРО-ДПМНЕ дека се работи за „брутално претепано дете“ и силно укажува на тоа дека децата не смеат да се користат и злоупотребуваат за политички цели. А ширењето на страв, манипулација и чувства на вознемиреност и несигурност кај граѓаните се познат начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ. Имено и Градоначалникот и Советот на Општина Гевгелија кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, во делокруг на своите законски обврски како основач на установата, во неколку наврати го прекршија Законот за заштита на децата, заземајќи ставови и носејќи одлуки спротивни на законот и интересите на граѓаните, а спроведување на законот е нивна законска обврска, утврдено од инспекциските служби, велат од МТСП.

Претходна вестОтворени новите простории на бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје
Следна вестИнтервенција за историја: Направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор