Јордан Трајков: Ги ограбија фабриките, сега се подготвува и грабеж на почвата

При приватизацијата на фирмите ни се случи грабеж па поголем дел од граѓаните останаа без ништо, а мал број грабливци земаа многу. И сега се подготвува таков грабеж со земјоделското земјиште, предупредува Јордан Трајков, претседавач на Иницијативниот одбор на „Граѓански фронт“. Тие планираат да одржат и протест против донесувањето на Законот за продажба на земјоделско земјиште на 25 мај.

Зошто е неприфатлива идејата да се врши продажба на државно земјиште на приватни лица и фирми? Какви негативни последици тоа може да предизвика?

– Неприфатлива е идејата затоа што земјата ќе заврши во рацете на малкумина т.н. грабливци – транзициони олигарси и странци со сомнителни извори на средства и сомнителни намери. Доколку допуштиме такво нешто веднаш потоа тие истите на таа земја највероватно ќе си одгледуваат култури кои не се стратешки значајни за нас.  Најубавото и најголемиот дел од нашето земјоделско земјиште е во рацете на државата. Ако се допушти истото да го грабнат малкумина од сиромаштија нема да можеме да избегаме како земја. При приватизацијата на фирмите ни се случи грабеж па поголем дел од граѓаните останаа без ништо, а мал број грабливци земаа многу. И сега се спрема таков грабеж, но овој ќе биде пострашен бидејќи земјата е стратешки важен ресурс без кој немаме можност да произведеме храна. Тоа значи да отуѓиш еден стратешки, животно значаен ресурс од граѓаните на Македонија. Не смее да се случи тоа.

Има и други држави кои го направиле ова…

– Во секоја земја каде се направило ова има недостаток на храна и тие земји се приморани на увоз на скапа и често неквалитетна храна. Луѓето се фрлени во сиромаштија. Се јавува огромен јаз помеѓу 1 процент најбогати кои ја поседуваат земјата и 80-90 отсто кои немаат земја и немаат пристап до други ресурис т.е. кои се сиромашни. Нема среќа во таквите општества. Тоа се “модерни” феудалистички општества. Дали е тоа го сакаме?

Што треба да се прави со ова државно земјиште? Факт е дека државата е лош стопанственик?

– Граѓански Фронт нуди решение кое е идеално за нас. Имено, ние сметаме дека државата треба да го подели земјиштето помеѓу сите граѓани на Македонија подеднакво и фер. По наши пресметки на човек би паднале 8-10 декари земја. Збориме за бесплатна поделба. Во однос на техниката на поделба на земјата таму има неколку варијанти Но, една варијанта ни е разработена до детаљи, но овде сега е мал просторот за да го објаснеме. Доволно е да кажеме дека ќе биде фер, праведен и дека секој ќе добие подеднакво.

Со поделбата ствараме додатни ресурси во имотот на секое семејство од кои тие ќе имаат додатни приходи. Сите заедно на таков начин се креваме во средна класа. Веднаш скептиците ќе кажат дека сега земјоделците ја напуштаат земјата, а ние сакаме да им дадеме на сите граѓани земја. Таквите скептици треба да го осознаат целиот наш концепт.

Комплементарно на ова поделба на земјата треба да има организација на зелениот пазар каде што не смее да остане ниту еден килограм не откупен земјоделски производ при што истите треба да бидат исплатени веднаш и по реална цена. Доколку земјоделците имаат добар пазар со добри цени и да си ги земаат парите во моментот на продажба ние тврдиме дека и те како ќе има интерес за земјата.

Во исто време државата треба да го среди хаосот со водоснабдувањето и да инвестира пред се во хидромелиоративни системи. Кога секој ќе има вода донесена до нива и сигурен, добар пласман на своите производи тогаш нема да има ниту педа необработена земја. Вредноста што ќе се генерира ќе обезбеди сигурен живот за сите нас. Целиот овој проект нам во Граѓански фронт ни е добро и до детаљи разработен вклучително и тоа каде би ги продавале зелените производи. Ако ја погледнете нашата предлог-програма ќе видите таму дека збориме и за проактивна трговска политика. Не може никој да не убеди дека во ситуација коа светот се ближи до 8 милијарди луѓе не може да се продадат прехрамбени производи. Може и тоа по добри цени. Значи, со поделбата ствараме вредност и ствараме бројна средна класа. Ствараме здраво општество. Сегашната варијанта ствара мртвило и затоа мораме да се одбраниме од истата.

 

Претходна вестНазад во училиште или настава од дома: Ситуацијата со ковид ќе одреди како ќе се учи од септември
Следна вестВандализам: Оштетени и уништени спомен плочите за убиените бранители кај Вејце