Редовно годишно обраќање пред пратениците во македонскиот парламент денеска ќе има претседателот на државата Стево Пендаровски.
Ова ќе биде второ годишно обраќање на Пендаровски во законодавниот дом откако е избран на оваа функција во мај 2019 година, а прво пред новиот состав на Парламентот.
Според член 85 од Уставот Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно. Собранието може да побара од претседателот на Републиката мислење за прашања од неговата надлежност.
Дали Претседателот ќе каже нешто ново-поразлично од досега пред пратениците останува да се види. Инаку, нему му стана навика во секој говор да повикува на помирување и заедништво на граѓаните во Македонија. Така постапи по повод 11 Октомври, така направи и при прославата на денот на АРМ кога го потенцираше значењето за заедништво. Пендаровски пораката за помирување испрати и веднаш по своето стапување на должност претседател на Македонија…
-Време е да ги залечиме отворените рани и реално да го започнеме граѓанското помирување, зашто немаме резервна татковина, потенцира тој.
И така, Пендаровски си повикува на помирување и заедништво, но, сепак, поделбите, реваншизмите, маргинализирањето на оние што мислат спротивно на власта, игнорирање на мислењето на голем дел од населението… остануваат во македонската пракса.
Затоа и логично е прашањето, дали повиците се упатуваат само формално или и се работи за сплотување на народот?