Што со платите на 110.000 вработени во јавниот сектор?

Расправа околу висината на платите на околу 110.000 вработени во јавниот сектор денеска треба да започне на седницата на Економско-социјалниот совет. До расправата доаѓа по барање на синдикалците кои сметаат дека е неприфатливо овие вработени да земаат плата којашто е речиси колку и минималната. Предлог-законот за плати, инаку, е во фаза на јавна расправа, односно, текстот се уште не е целосно утврден.

Трпе Деаноски, претседател на Синдикат на УПОЗ, смета дека е потребно поинакво решение.

-Ние како синдикати од јавниот сектор на иницијатива на Синдикатот на Клинички направивме и тркалезна маса во врска за овој закон. Таму говоревме речиси сите Синдикати од јавниот сектор, па ќе објавиме декларација што таму ја договоривме, дека не се согласуваме со предлог текстот на законот и дека бараме веднаш да биде повлечен. Многу е лоша математиката што ја направи владата, оти тие мислат дека со воведување на минималната, како дел од основната плата, сите плати во јавниот сектор ќе се усогласуваат само со пораст на минималната, што е многу лошо решение, изјави Деановски за Канал 5.

УПОЗ ќе бара решение кое ќе овозможи раст на платите со кои ќе може да се преживее во Македонија, особено во време на инфлација.

-Властите се лажат дека со раст на платите од 300, 500 или 1200 денари еднаш годишно јавниот сектор ќе биде задоволен, бидејќи и сега, според пресметките на синдикатите, за да се прехрани четиричлено семејство потребни се две и пол минимални плати.

Од Организацијата на работодавачи велат дека нема да бидат неми набљудувачи на дискусиите за законските решенија за платите.

– И ние директно ќе се вклучиме со наши предлози. Тие предлози ќе се однесуваат околу тоа растот на платите во јавниот сектор да мора да го следи растот на платите во приватниот сектор, а и растот на продуктивноста, бидејќи од тој раст на продуктивноста зависи и стандардот на сите вработени во државата, изјави Ангел Димитров, претседател на Собрание на Организацијата на работодавачи.

Претходна вестФудбалерите ги почнаа подготовките за натпреварот со Малта, пристигнуваат Елмас, Ристовски и Адеми
Следна вестКазнети над 200 возачи во Скопје, 145 од нив за пребрзо возење