Книгите стануваат атрактивни за крадците

Во последно време и книгите се атрактивни за крадците. Но, се разбира, не за читање, особено ако станува збор за книги што се ретки и исклучително вредни изданија од познати автори. Во септември 2020 година големо внимание во уметничкиот свет привлече веста дека околу 200 книги, украдени од магацин во Лондон, се откриени под подот на куќа во Романија. Книгите, во кои беа вклучени првите изданија на Галилео Галилеј и на Исак Њутн, беа проценети на околу три милиони евра.

Книгите вклучуваат и ретки верзии на ракописите на Данте, како и збирка скици од шпанскиот сликар Франциско де Гоја. Крадците ги украле во јануари 2017 година од магацин во Лондон, каде што влегле така што направиле дупки на покривот, се спуштиле 12 метри и ги избегнале сите сензори. Потоа, наводно, со часови ги барале книгите што ги сакале пред да побегнат на истиот начин, соопшти полицијата.

Британскиот весник „Гардијан“ излезе со своја верзија на настанот, со малку повеќе детали. Двајца мажи, Даниел Дејвид и Виктор Опариук, упаднале во магацинот на тој начин што направиле дупки на покривот и употребиле јаже за да се спуштат во зградата. Во грабежот опишан од „Гардијан“ како нешто што веќе беше прикажано во филмот „Невозможна мисија“, крадците се држеле до полиците за да ги избегнат сензорите што би го вклучиле алармот.

Кражбата траела околу пет часа, а крадците го напуштиле магацинот исто како што влегле. Трет маж, Нарцис Попеску, ги чекал во автомобил паркиран во близината и така сите тројца избегале. Автомобилот подоцна бил пронајден, бил исчистен со белило, што укажува на внимателно испланирана акција.

Сепак, автомобилот, по сè изгледа, не бил доволно добро исчистен и истражителите пронашле траги од ДНК на еден од крадците на потпирачот за глава. Мажите беа уапсени и осудени, а трагата на крајот ги одведе истражителите во Романија.
Крадците биле дел од романска организирана криминална банда, која е одговорна за серија кражби и кражби во Велика Британија – се огласи со официјално соопштение лондонската полиција.

Полицијата ги открила книгите откако претресла куќа во областа Њамц, во североисточна Романија. Откритието следуваше по рациите на 45 адреси во Британија, Романија и во Италија во јуни 2019 година. Тогаш беа уапсени 13 лица, против кои беа поднесени кривични пријави, а 12 од нив веднаш ја признаа вината.

– Овие книги се исклучително вредни, но уште поважно тие се целосно незаменливи и многу важни за меѓународното културно наследство – рече инспекторот Енди Дурам од лондонската полиција.
Книгите биле украдени од магацин каде што биле чувани пред планираната пратка на аукциите во Лас Вегас.

Истражителите тогаш посочија дека романските банди ги испраќаат своите членови во Велика Британија за таму да извршат разни злосторства, а потоа ги враќаат назад. За тоа време, другите членови на бандата ја изнесуваат украдената стока надвор од земјата преку алтернативни патишта. Станува збор за банда за која се верува дека е поврзана со познати романски семејства што ја сочинуваат криминалната група Клампару.

Во јануари пред две години, со обезбедување повеќе докази од координираната истрага помеѓу полициите од повеќе земји, уапсен е и главниот организатор на ваквите кражби. Осомничениот, со романска националност, се наоѓал на листата на барани криминалци од страна на британските власти, а бил пронајден и уапсен од полицијата во Италија.

Од библиотеката „Карнеги“ во Вашингтон украдени книги во вредност од осум милиони долари

Книги во вредност поголема од осум милиони долари исто така беа украдени од библиотеката „Карнеги“ во Вашингтон. Ретките изданија од Исак Њутн и од Атлас од германски истражувач завршиле во приватната архива на вработениот архивист во библиотеката. Тој не крадел само книги туку и други вредности од библиотеката, како што се мапи, натписи и други предмети. Оваа криминална шема функционирала уште од 1992 година. Архивистот во библиотеката соработувал со сопственик на продавница за книги. Архивистот секојдневно земал ретки книги од државната библиотека и му ги носел на сопственикот на продавницата, каде што тој ги продавал онлајн за големи суми.
Во магацин во близината на библиотеката полицијата успеала да најде дури 40 книги што недостигале од библиотеката, кои веќе биле препродадени од двајцата криминалци. Некои од украдените дела пропатувале доста далеку. Четиристотини години стара Библија била пронајдена дури во Холандија. Дело од Њутн, пак, завршило во рацете на колекционер на ретки книги во Лондон. Тој без никаков проблем ја вратил книгата откако дознал дека таа е украдена.

Двајцата измамници заедно успеале да ја оштетат библиотеката за 300 книги, или за осум милиони долари. Сопственикот на продавницата заработил, наводно, само 117 илјади долари од продажбата на книгите, а архивистот во своја одбрана потенцирал дека бил принуден да краде од страна на сопственикот на продавницата. Колегите на архивистот биле шокирани од ваквото дело на човекот со кого работеле заедно 25 години, а не се сомневале во ништо.

Претходна вестВо Франција протестираа над милион луѓе
Следна вестОрбан блокираше воена помош на ЕУ за Украина од 500 милиони евра