Кога ќе бидат објавени решенијата кои Заев и Бучковски ги нудат на Бугарија?

Нова порака дека повторно настапува период кој е погоден за решавање на проблемите на Македонија со ветото на Бугарија за почеток на пристапни преговори со ЕУ вчера упати премиерот во оставка Зоран Заев. Пораката е пратена по вчерашниот договорот за влезот на партијата Алтернатива и најавената реконструкција на македонската влада, но е слична и на оптимистичките пораки давани во минатото, но по кои секогаш си остануваше бугарското вето.

Ќе направам се да се изнајде решението со Бугарија, ако не се најде сега, не верувам дека ќе се најде во 2022 година. Меѓу 14 декември и 15 јануари е периодот кога може да се одржи Советот за општи работи. Тоа е можност да се исчекори напред и, конечно, по 16 и пол години да почнеме преговори. Кажувам дека е ова најпозитивен период да се изнајде решение. На крајот сме, во фотофиниш, и не може вака да се остави, потенцира Заев кој додаде дека неколку недели го делат од заминувањето на премиерската функција.

Што следи во овој период кој го спомена Заев? Какви решение ќе бидат барани-нудени мора да се каже на македонската јавност.

Бугарските барања се категорични, се бара значително попуштање од македонската страна, а затоа е важно јавноста во Македонија да знае што, всушност, се договара. Односно, потребна е максималната транспарентност во процесот на преговорите за да граѓаните знаат што се е ставена на маса – дали, на пример, ќе има остапувања и попуштање во однос на македонскиот идентитет, јазик и слично, што со бугарските барања за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, што со Македонците во Бугарија…

До сега, јавноста речиси ништо не знае за што се преговара и што се се става како можно решение на хартија. Што всушност работи во Софија владиниот пратеник Владо Бучковски?

Јавноста и транспарентноста е потребна за да, на крајот, не се случи на македонските граѓани да им се претстави конечно решение на договорот околу кое веќе не може да се инервенира. Лошото искуство и последиците од Договорот за добрососедство со Бугарија во кој беше вметната одредба за „заедничка историја“ сите го гледаме. А токму за таа одредба македонската јавност немаше информации дека ќе биде вградена во Договорот.

Претходна вест55-годишен јубилеј денеска слави Факултетот за музичка уметност
Следна вестСите цени ли мораа да растат, има ли злоупотреби од трговците и производителите?