Кога Владата ќе каже колку пари мора Македонија да инвестира во ХЕЦ „Чебрен“, проект кој ќе биде даден на странци?

Милијарда евра скапиот хидроенергетски проект ХЕЦ „Чебрен“ се уште е топ тема во македонската јавност. Зошто? Па, нема одговори од Владата на многу прашања кои се наметнуваат…

Се множат нејаснотиите, но одговорите не се даваат. По објавата на Владата дека е одбрана грчка фирма како иден концесионер и инвеститор кој ќе треба да вложи околу една милијарда евра за изградбата на браната, а ќе се здобие со 60-годишната сопственост при што Македонија ќе добива само 33 отсто од „ќарот“ на фирмата, се поставија многу прашања за оправданоста на ваквата зделка. Енергетските експерти во земјава скоро секојдневно искажуваат сомнеж дека договорот е лош и укажуваат дека одредени клучни одредби се крајно неповолни за наша земја.  

Така, на пример, се укажува првенствено дека проектот треба да остане во македонска сопственост и дека државата може самата да обезбеди толку пари и сама да си го гради; дека имало подобра германско понуда со наша 48-процентна сопственост врз произведената струја; дека требало да се направи пониска брана бидејќи вака големо количество на вода ќе остане неискористена и „мртва“; дека не е добро да добиваме 33 проценти од профитот бидејќи странскиот партнер може со него да манипулира и да го намалува…

Но, покрај овие сериозни укажувања, енергетските експерти посочуваат и на тоа дека странската фирма нема да биде исклучив инвеститор со околу милијарда евра. Односно, предупредуваат и на тоа дека за реализација на проектот ќе се потрошат и значителни пари од Македонија иако власта го вели спротивното. Така, експертот и универзитетски професор Атанаско Тунески, при настап на ТВ Алфа рече дека не е вистина дека целата инвестиција од околу една милијарда евра е обврска на странскиот инвеститор.

-Нашата држава во овој проект ќе вложи четири крупни работи. Првата е отстапување на ХЕЦ „Тиквеш“ на идната фирма која во наредниве 60 години само од продажбата на нејзината струја ќе може да заработи околу 2,4 милијарди евра. Второто е тоа што нашата страна ќе треба да изгради пристапни патишта до браната, а што е скапо на таквиот терен каков што е кон „Чебрен“. Третото е изградбата на 400-киловатна трафо-станица што, исто така, е скапа работа и четврто е експропријација на земјиштето за браната, наведува Тунески.

Тој тврди дека сите овие обврски ќе чинат многу, а што значи дека Македонија во проектот ќе вложи многу пари, а ќе се здобие само со 33-процентна сопственост врз „ќарот“ од работењето на „Чебрен“. Но, за што, како што наведува, има можности да спадне и на 20, 255-проценти преку нарачки на најразлични непотребни проекти од страна на концесионерот.

-Нашите надлежни треба јасно да кажат колку пари, покрај отстапувањето на ХЕЦ „Тиквеш“, ќе мора да потрошиме и за изградба на патиштата, за трафо-станицата, за експропријации… Тие само велат „ќе направиме ова, она…“ но не велат колку ќе чини сето тоа. Истовремено, најавувата дека ќе го потпишат договорот. Како да го потпишам договорот кога не знам колку ќе ме чини, прашува Тунески.

Ова е само уште една од многуте дилеми кои се отвораат. На ова одговор треба да даде власта пред да го верификува договорот. Македонските интереси треба да бидат заштитени. Не е добро да се остави големо бреме дури и на идните генерации кои уште не се родени, оти објектот ќе се гради минимум 10 години, а потоа 60 години ќе остане во странски раце.

Претходна вестМаестро Александар Џамбазов и „Златните славејчиња“ добија мурал во Дебар Маало
Следна вестТројца палестински студенти застрелани во САД, еден е во критична состојба