Кој на Македонија и ја одзеде независноста?

Колумна на Никола Тасев:

 Почна од синоќа прославата на независноста на Македонија. Звуците на Филхармонијата и говорот на Премиерот, под мотото „Гласник на слободата“ го отворија бледо организираното славје што денес продожува со други скромни настани. Ќе пукнат, можеби, силно и плотуни од артилерискиот батаљон на Армијата во свечена стрелба. 

Но, она што треба силно да пукне, да одекне и одѕвони во ушите е прашањето: Дали имаме независност? Дали македонската држава е навистина слободна, неуценувана и рамноправна со другите држави во Европа?

Одговорот е лесен, нели?

Ќе се изнаредат денес Претседателот, Премиерот, министрите на разни организирани случувања, ќе положуваат цвеќиња, ке говорат, ќе се кезат пред камери. Ќе видиме и бивши премиери, функционери, кои ќе се потсетуваат на времето минато во овие 32 години. Но никој од нив нема да одговори: Кој и зошто на Македонија и ја одзеде независноста?

Оти кај нас веќе нема искрени и отворени дебати за вака важни прашања, оти интелектуалците ги скротија да си предат како кротки мачиња во скутот на политиката, оти медиумите ги исконтролираа.

Народот, овие 30 години, континурано е заплашуван, систематски е осиромашуван, му ја убија надежта, вербата. Македонците се принудени да си бараат чаре надвор од татковината, оти овде системот е погрешен, општеството не е функционално, нема правдина. Во Македонија владеат други вредности: се помалку е важно да си образован, да си квалитетен, да имаш енергија, идеи… Кај нас поважна е партиската или етничката припадност, отколку да имаш мозок.

Кој ја уништи надежта кај народот, кој го принуди да се иселува? Кој?

Економијата е урнисана, компаниите се се помалку стабилни, платите ниски (пензиите не ги ни споменувам), инфлацијата бега од контрола, а државниот долг се зголеми за десетина милијади евра во овие 30-тина години. Се ова влече корени од почетокот на македонската независност. Со бруталната и нечесната приватизација, кога луѓето околу владината врхушка во првите години од самостојноста си ги присвоија државните компании. Продолжи и понатаму кога се распродаваше Македонија на големо, а за ситни пари. Се се продаде – парите ги нема, економијата е мртва!

Кој ја дозволи бруталната приватизација, кој ја осиромаши државата и збогати „шака“ луѓе, а со тоа ја нагриза самостојноста на Македонија?

Народот независноста ја доби на референдум, но и референдумите покасно „од бога избраните“ владини луѓе не ги почитуваа баш. Оној за името пред 5 години не беше успешен, ама власта покажа дека нема намера да го слуша народот. Иако Македониците рекоа НЕ, за промена на името – името го сменија. Истото е и сега. Народот вели НЕ за уставни измени, власта е глува и слепа и тера на сила уставни измени.

Кој направи да не е важно мислењето на народот? Дали истите сега му кажуваат дека тој народ е независен?

Македонија денес е зависна од увоз на храна. Нашите житници се напуштени, трлата се празни, оти властите со децении не создадоа систем за развој на земјоделството и сточарството. Еј Македонија мора да увезува храна за да се прехрани.

Кој дозволи дури и лук да увезуваме?

Завчера во Турција се отвори училиште со име Македонија, дали во Македонија може да се отвори училиште со име Македонија?

Кој го забрани името Македонија во Македонија?

Има уште најмалку педесетина „КОЈ – прашања“ што никој во овие 30 години не најде потреба да ги одговори. Оти денес ја славиме независноста, но дали ја имаме? Оти за денешниот празник мотото е „Гласник на слободата“ ама дали имаме слобода и дали народот има глас?

Независноста не е нешто што го добиваш и доживотно го имаш. Независноста се билда, се брани, се потхранува секој час, секој ден… 

Претходна вестДенешно празнување: Ќе славам кога Македонија ќе почне да си ја враќа независноста
Следна вестОбвинение за двајца скопјани за грабнувањето на внукот на Бошковски: Намерата им била да ја плати дрогата која ја украл