Денешно празнување: Ќе славам кога Македонија ќе почне да си ја враќа независноста

Македонија денеска слави голем ден. Денот кога пред 32 години над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава – МАКЕДОНИЈА. Тогаш се оствари сонот на многуте претходни генерации кои и животи даваа за конечно осамостојување.

Голем празник.

Но, утрово Скопје е некако тивко, нема некоја празнична атмосфера… Зошто? Властите не направија празникот да изгледа посвечен или на граѓаните не им е до славење?

За ова ги прашавме скопјани кои утрово се движеа околу пазарот во Аеродром:

– Немам што да честитам и славам. Политичарите ја срозаа независноста на земјата. Кој што сака ни наметнува и наредува, а нашиве послушници прифаќаат. Па каде е тука независноста?, ни вели еден постар аеродромец.

-Македонија стана супер зависна, не е независна држава. Знаме и сменија странци, име и сменија странци, устав и менуваат трети странци, историја ни менуват комшии сосе наши „странци“ и вие ми велите зошто нема атмосфера? Што да славам? Ќе славам кога полека – полека пак ќе си ја вратиме независноста и како држава и како македонски народ, ни истакна средовечна жена.

-Власта го умртвува славењето. Не гледате ли дека се плашат „Македонија“ да споменат во говорите? Опозицијата исто е млака и парадерска, истакна друг аеродромец.

-Не се слави поради сиромаштијата. Народот е утепан, нема пари, се плаши за иднината на своите деца. Разочарани се. На прослави одат само партиски војници и функционерите, ни вели еден од тезгаџиите на пазарот.

Инаку, под мотото „Гласник на слободата“ денеска со повеќе активности, во организација на Владата, ќе се одбележува Денот на независноста на Македонија – 8 Септември.

Како дел од одбележувањето на Денот на Независноста, во организација на Владата, покрај многубројните пригодни манифестации, за граѓаните, од 11:00 часот во целата држава, ќе почне културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки ќе се обезбеди бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии во целата Република.

Колку од граѓаните ќе ги посетат овие места каде можe да се види делови од македонската историја не е извесно. Историјата и нејзиното распродавање веќе подолг период е болна тема во земјава.

Сепак, честит празник и без разочарување да ја крепиме и враќаме независноста на Македонија.

 

Претходна вестЦУК: Вчера изгаснати 12 пожари, активни два во Сарај и Инџиково
Следна вестКој на Македонија и ја одзеде независноста?