Косово ја одложи одлуката за регистарските таблички до 1 септември, ќе се смират ли тензиите?

Косовските власти ја одложија одлуката за примена на реципрочни мерки со Србија за 1 септември а чија најава вчера предизвика тензии на северот на државата и остри пораки од официјални власти на Србија. До одлагањето дојде по средбата на косовскиот премиер Албин Курти и на претседателката на Косово, Вјоса Османи со американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер. Американскиот амбасадор побарал од владата на Албин Курти да го одложи почетокот на спроведувањето на мерките за регистерските таблички и документите за српските граѓани еден месец, поради, како што рече, „неразбирање на нивните импликации“.

Причината за тензијата е што примената на реципроцитетните мерки требаше да почне на 1 август, поточно, како што соопшти косовската Влада, од полноќ на сите што ќе дојдат на премините со лична карта на Република Србија ќе им биде врачен влезно-излезен документ. Исто така, требаше да почне и пререгистрацијата на возилата со српски таблички на косовски таблички.

Во текот на вчерашниот ден граѓаните почнаа да се собираат во центарот на Косовска Митровица, незадоволни од воведувањето мерки за реципроцитет. Потоа во северниот дел на Косовска Митровица се слушнаа сирени за тревога. Беа блокирани и граничните премини кон Србија од страна на граѓаните.

По најновата одлука на приштинските власти утринава состојбата е мирна, по тензичната состојба во Косовска Митровица и на граничниот премин Јариње.

Претседателот на Србија и врховен командант Александар Вучиќ доцна синоќа имаше средбата во Генералштабот.

-Состанокот го завршивме во Генералштабот. Пред тоа, генералот Мојсиловиќ имаше разговор со командантот на КФОР, кој се одвиваше во фер атмосфера, рече Вучиќ во изјава за Пинк.

– На полноќ очекуваме разговор меѓу командантот на КФОР и Горан Ракиќ и претставници на Србите. За нас е исклучително важно дијалогот да продолжи и да почнеме мирно да ги решаваме работите. Голема благодарност до Србите од Косово и Метохија за воздржаноста и храброста. Пред нас е најтешката политичка борба. Ви благодариме што го зачувавте српското име и презиме на Косово и Метохија, најави Вучиќ.

Претходна вестГостиварец убиен со нож во групна тепачка со роднини од Здуње
Следна вестСончево со мала облачност и ветер