Ковачевски им раскажа на студентите за НАТО, ЕУ…, а Тупанчевски ги подучи да брзаат – бавно…

Првиот академски час се одржа на повеќе факултети при УКИМ во Скопје. Бруцошите ја почнаа учебната година, а при тоа им се обратија и неизбежните државни функционери.

На Економскиот факултет денеска лекции држеше и претседателот на Владата Димитар Ковачевски.

– Драги студенти, светот, регионот и нашата држава забрзано се менуваат. Во некои период имаме успеси, во некои периоди се соочуваме со голем број на предизвици и кризи како сегашната во која се соочуваме–најголемата економска, безбедносна и енергетска криза во последните децении. Ако не можеме самостојно да избираме кога и каде ќе се родиме, тогаш сигурно можеме да влијаеме како и на кој начин ќе учиме, ќе работиме и како ќе живееме за да ја менуваме сегашноста и да ја подготвуваме иднината, ги подучи Ковачевски студентите.

Нормално, како и во скоро секоја прилика тој го спомена НАТО, ЕУ…

– Ако интензивно се интегрираме и соработуваме во рамки на регионот преку платформата „Отворен Балкан“, ако имаме целосно сигурност и безбедност со нашето полноправно членство во НАТО, денес пред нас и пред вас се отвора најважниот процес за полноважно членство во Европската Унија. Ги започнавме преговорите, секојдневно трае скрининг процесот и истиот ќе продолжи, кој треба и ќе ја поднесе таа наша највисока државна цел целосно и брзо да успее, вели Ковачевски.

Тој зборуваше и за важноста младите луѓе да не се иселуваат од земјава.

-Огромен успех за државата е да успее да ги задржи младите луѓе, вредностите, народот и експертите, со цел директно да влијаат врз развојот на земјата. За таа цел Владата оваа обврска ја презема секојдневно, рече Ковачевски.

Што е тоа што се превзема од Валдата, може ќе се предава на некој од наредните лекции кои некаде ќе ги држи Ковачевски.

Инаку, на друга страна, на првиот академски час на Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше министерот за правда Никола Тупанчевски. И тој им посака на студентите успешна учебна година.

-Брзајте, но бавно, пополека – кон вашата цел, а тоа е кога ќе завршите со ова поглавје, еден ден да станете истакнати правници, адвокати, судии, обвинители, новинари, професори, политолози, па и политичари, им порача Тупанчевски.

Тоа го слушаа и професори на овој факултет меѓу кои беше и Драги Рашковски. Овој професор беше генерален секретар во Владата до објавувањето на аферата Софтвери, по што следуваше обвинение и судски процес за два тендери, како и исплата на хонорари…

Имаше што да се научи уште првиот ден.

Претходна вестНуредини: Најверојатно оваа зима ќе има зголемување на аерозагадувањето
Следна вестУкраден кабел од влечен мотор на локомотива, од ЖРСМ Транспорт велат дека е саботажа