Ковачевски не знае како се прави национален консензус

Намерата на власта да направи уставни измени стои во место. Наметнатата иницијатива не е прифатена од опозицијата. Не е прифатена и од значајното мнозинство од граѓаните во Македонија.

И сега, власта само нешто црта на табли и објаснува дека операцијата немало да боли, само нешто повикува на консензус и светла иднина, само нешто обвинува дека сите кои нема да клекнат на ултиматумот се против ЕУ и напредокот на Македонија, само нешто…

Последно е дека премиерот Димитар Ковачевски побара (по кој знае кој пат) национален консензус за уставните измени.

-Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции. Потребен ни е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, апелира Ковачевски.

Да национален консензус е потребен. Но, зошто тој не се правеше пред да се прифати од власта контроверзниот француски предлог? Зошто власта ги игнорираше илјадниците граѓани кои со денови протестираа и опоменуваа дека власта ќе направи непромислен потег со тешки последици за Македонците?

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека остануваат на ставот – консензус за уставни измени под бугарски диктат не е можен и оти единствено е можен консензус за избори. Од партијата во прилог на својот став наведуваат и дека „над 80 проценти од граѓаните, јавноста и експертите се против промена на Устав под бугарски диктат“.

Граѓаните се загрижени дека власта ита кон провалија, а не обезбедила никаква заштита околу тоа Македонија да не мора по смената на уставот да менува и учебници и историски наративи и…

-Нема да има крај на странските диктати, вели мнозинството во Македонија.

Но, власта упорно повикува на заедништво за да се смени Уставот и уверува дека немало да има нови услови од Бугарија.

Кога нема да има нови услови? Пред конечно да се добие фамозниот датум и почнат преговорите или до крајот на процесот и влезот на Македонија во ЕУ? Ова во иронија го прашуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Тие и го даваат одговорот: СДСМ зарем не ги слушна пораките на бугарските државници од Илинден?

И така, консензусот се чека. Се чека и власта да научи како се прави консензис. Оти дефинитивно заедништво не се прави ако Владата нешто самата си одлучи, а потоа да бара опозицијата и народот згружено да и ракоплескаат.

 

 

 

 

Претходна вестАлбанците масовно се иселуваат, за десет години околу 537.000 албански граѓани добиле дозвола за престој во земјите на ЕУ
Следна вестНајдобриот македонски тенисер Калин Ивановски со скок од 30 места на АТП листата