Лекот за фаличниот учебник по Историја и општество е во неговото повлекување

Македонските ученици немаат среча со учебниците. Те доцнат, те се полни со грешки… Има ли крај на ова?

Деневиве се покажа дека и новиот учебник по Историја и општество, наменето за учениците во петтото одделение е проблематичен. По првично укажаните големи  грешки околу височината на Монт Еверест; за надморската височина на Мртвото море; за тоа кои се источни, а кои западни соседи на Македонија, сега излезе дека состојбата е уште попоразителна. Вчера и Здружението на историчарите наброја дури 13 големи грешки кои се недозволиви – тоа дека имало нешто како Стариот/античка историја век, дека Никола Тесла е изумител на електрична енергија, дека Марија Кири добила две Нобелови награди за наука, дека Египетскиот календар е лунарен, дека Римскиот колосеум потекнува од пред 72 година од н.е…. А прашање е дали и вака наброените грешки се и конечни.

Воедно историчарите укажуваат дека во учебникот има многу илустрации кои се со исклучително лош квалитет како и тоа дека Македонија како историски термин воопшто не се користи.

Во ваква ситуација оправдано е прашањето што се чека и зошто тој учебник не се повлече? Министерот за образование Јетон Шаќири синоќа изјави дека овој учебник, но и некои други кои се сега новообјавени, ќе одат на темелна ревизија.

 Ако Педагошката служба констатира дека во учебниците нема повеќе од 30 отсто грешки, тогаш ќе се најде начин коригираат грешките кои се веќе дел од испечатените учебници. Ако, пак, тие содржат повеќе од 30 проценти грешки учебниците ќе бидат повлечени, најави Шаќири, кој објасни дека решение ќе се знае до второто училишно полугодие.

Ваквиот критериум за „30 проценти грешки“ е прифатлив? Значи ако учебникот е полн со грешки околу 25 проценти треба да продолжи (малку корегиран) да ги едуцира децата? И како би се правеле коренциите, на самите часови или со измени на страници од учебникот?

Ако се избере првото – во што би се претвориле часовите? Во часовите кои ќе служат за објаснување на грешките, на тоа како треба да изгледа точниот податок и опис. А ако се поправаат страниците, не ли е подобро да се прави нов учебник кој барем ќе биде по сите нишани направен?

Треба ли да има дилеми или губење време за правање ревизии околу овој учебник? Кога се откриени толку многу грешки, се чини најдобра опција е тој веќе сега да биде целосно повлечен и да се коригира доколку тоа е можно. А потоа, да се реши како натаму. Учениците и наставниците и досега се снаоѓаа со учењето и предавањето на овој предмет па ќе можат да издржат и натаму, се додека не се објави учебник со добра содржина.

Претходна вестОпределен притвор за велешанецот кој прегази девојче и побегна
Следна вестНеобични форми на кратери снимени на Марс