Левица има референдумско прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци“

Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ, со прифаќање на собраниските Заклучоци, ќе биде прашање со кое Левица ќе ја поднесе иницијативата за одржување на референдум на граѓаните во Македонија.

Лидерот на оваа опозициска партија Димитар Апасиев синоќа изјави дека прашањето е така формулирано со цел да стане невозможно формално-правно да се одбие иницијативата.

Според него, и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ која беше одбиена била формално-правно уредна, но дека Левица, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, нема директно да го „напаѓа“ Договорот со Бугарија туку Заклучоците со цел, како што рече, „да не му даваме муниција на Талат Џафери да изигрува уставен судија односно да толкува Устав“.

-Одиме на варијанта во која наративот ќе биде „против“, а не „за“, односно наратив на продолжување на духот на антивладините протести против бугаризацијата кои беа најмасовни откако е СДС на власт, рече Апасиев на ТВ Канал5.

Ќе бараат, рече, задолжителен референдум, а бидејќи по нашиот Закон за референдум изјаснувањето е „за“ и „против“, очекува граѓаните на прашањето да гласаат против.

– Поентата е дека сега се оди согласно член 24 од Законот за референдум, дека на државно ниво референдум може да се распише за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието. Имено тие „други прашања за кои одлучувало Собранието“ се овие Заклучоци кои ние ги ставаме на референдум, појасни Апасиев.

Проблемот во Заклучоците, рече тој, е во точката 1 – која ја внесува Преговарачката рамка т.е. трите документи кои не им беа доставени на пратениците, и точката 3г кој е т.н. француски предлог.

Претходна вестМалолетничка пресметка со нож во автобус на линијата „51“
Следна вестМилевски: Ако мислиме дека не можеме да ја победиме Грузија, не би ни дошле