Писмено барање за ставање на Предлог-декларацијата за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии како точка на дневен ред за наредната – дваесет и прва пленарна седница на македонскиот парламент поднесе денеска партијата „Левица“.
Барањето пратениците на Левица во Собранието Димитар Апасиев и Борислав Крмов е упатено до претседателот на парламентот Талат Џафери, а се случува во периодот спроти најавеното бугарско вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Тие се повикуваат на пратеничко право што им го дава чл. 14 од Законот за пратениците и чл. 69 од Деловникот на Собранието на РМ, кој предвидува дека секоја втора редовна седница претседателот е должен да стави точка на дневен ред по барање на парламентарната опозиција.
-Ова го бараме од причина што Деветнаесеттата седница беше ставен последниот предлог на опозицијата за измена на Изборниот законик (Алијанса, Алтернатива и ВМРО-ДПМНЕ) од предлагачите Сурија Рушити и Никола Мицевски. Следната тековна Двасетта седница не беше ставен никаков предлог на опозицијата, па оваа наредна дваесет и прва седница е следната на која опозицијата има право да предлага да се стави точка на дневен ред, а вие сте должен тоа да го сторите преку една, односно на секоја втора редовна седница согласно цитираниот член од Законот, нагласено е во барањето.
Од Левица потенцираат дека со оглед на итноста и актуелноста, очекуваат од спикерот Талат Џафери да си ја исполни оваа своја деловничка должност и веќе на следната планирана седница да се расправа за ова горливо прашање поврзано со нашиот национален идентитет.