Лидерите на Кина и САД ветија спречување ривалството да се претвори во конфликт

Имаа средба лидерите на Кина и САД. Имено, денеска кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Џо Бајден се сретнаа на Бали пред самитот на Г20, во време кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво во последните децении.

Двајцата државници првпат разговараат лице в лице откако Бајден стана претседател. Си и Бајден срдечно се ракуваа на средбата во луксузниот хотел Мулија во заливот Нуса Дуа.

– Како лидери на двете земји, ја споделуваме одговорноста да покажеме дека Кина и САД можат да ги контролираат меѓусебните разлики и да спречат ривалството да се претвори во конфликт, како и дека можеме да најдеме начин да работиме заедно за глобалните прашања кои бараат взаемна соработка, потенцираше Бајден.

Од своја страна, Си истакна дека двете земји мора да го трасираат својот курс, да го најдат вистинскиот пат и да го подигнат нивото на односите. Тој, исто така, рече дека сегашните односи меѓу двете земји не се во интерес ниту на Кина, ниту на САД и дека тие треба „да го пренасочат кормилото“.

– Од првичниот контакт и воспоставувањето дипломатски односи до денес, Кина и САД минаа преку 50 и повеќе години со настани, со добивки и загуби, како и со искуство и лекции, рече Си, пренесува Синхуа.

Во првиот директен разговор со Бајден, кинескиот претседател посочи и дека двете земји мора да ја разјаснат развојната насока на нивните земји и да размислат и да разјаснат како да се сложуваат со другите земји во светот.

Средбата, на која теми на разговор беа Тајван, Украина и нуклеарните амбиции на Северна Кореја, треше три часа. Овие прашања ќе доминираат и во дискусиите на Самитот на Г-20, кој се одржува без присуство на рускиот претседател Владимир Путин.
Претходна вестСтудентите на протест пред Собранието, бараат да запре уништувањето на студентскиот стандард
Следна вестАрсовска: ФК Вардар ќе се врати дома во сопственост на Градот Скопје