Студентите на протест пред Собранието, бараат да запре уништувањето на студентскиот стандард

Под мотото „Стоп за уништување на студентскиот стандард“ пред македонското Собрание денеска попладне започна протест на студентите. Протестот доаѓа по владејачки предлози за скратување за многумина на бесплатниот оброк, кои од студентите беа оценети како скандалозни.

Со транспаренти на кои пишува „Од капитализам до канибализам“, „Студентски (оброк) глад“, „Студентски оброк или политички облог“, стотина студенти бараат да се зголеми износот за студентски оброк, да се израмни сумата за стипендии, да се реновираат студентските домови…

Од „Студентски отпор“ велат дека во период во којшто треба да се донесе буџетот за 2023 година, нивните првични барања од кои не отстапуваат се: Издвојување на средства од буџетот за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно, како и тргање на сите предложени нови критериуми за исполнување на правото на субвенциониранот студентски оброк, издвојување на средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите согласно измените од последното покачување на стипендиите, здвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови…

Инаку, претставници на универзитетските студентски собранија од повеќе државни и приватни универзитети денеска ќе остварат средба со пратеници и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, на која ќе се разговара за измените на Законот за субвенциониран студентски оброк. Средбата следува по реакциите во јавноста откако предлог-законот се најде на дневен ред на собраниската седница закажана за в среда, поради промените кои се предвидуваат во однос на критериумите што студентите треба да ги исполнат за државата да им субвенционира еден оброк дневно.

Претходна вестМалолетници со нож ограбиле 21-годишно момче во скопски Градски парк
Следна вестЛидерите на Кина и САД ветија спречување ривалството да се претвори во конфликт