Македонија донира тенкови на Украина

Донирани се тенкови на Украина кои се од третата генерација и кои со оглед на развојот на технологијата се неконкурентни и некомпатибилни, соопшти вчера попладне Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија. Од Министерството без да ја споменат бројот на донираните тенкови, за МИА информираа дека дополнително во наредниот период би требало да се трошат и ресурси за уништување на тенковите, што според нив е нецелисходна активност за нашата Армија.

– Согласно донесените Одлуки од страна на Владата на Република Северна Македонија во неколку наврати донираше воена опрема за Украина во согласност со нивните барања и потреби, а во координација со сојузниците. Република Северна Македонија како кредибилна членка на НАТО, во линија со сојузниците и партнерите, почитувајќи го територијалниот интегритет, суверенитет и правото на самоодбрана на Украина, притоа строго осудувајќи ја агресијата на Русија на Украина, ги донесе овие Одлуки да упати помош на Министерството за одбрана на Украина, со одредена количина на материјални средства, наведува МО.

Се наведува дека врз основа на извршените анализи, препораки и усвоени планови за опремување на Армијата на Република Северна Македонија во наредниот период ќе се изврши трансформација, односно расформирање на тенковскиот баталјон, која како што велат оттаму веќе е во тек, и ќе се пристапи кон воспоставување на модерни и современи противоклопни способности и капацитети во Армијата.

-Имајќи ги предвид, НАТО-одбранбено планирање, планот за модернизација и опремување на Армијата, во тек е проект „Набавка на лесни оклопни возила на тркала”, согласно договорот со американската Влада, кој е започнат во 2019 година со склучување на Договори помеѓу Владите на Република Северна Македонија и САД. Пред некој ден пристигна и испораката на првите 6 ЛОВ ЈЛТВ во рамките на овој проект. Оваа испорака претставуваат сериозен исчекор во процесот на модернизација и опремување на Армијата согласно НАТО стандардите и ќе бидат поддршка на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип, која воедно е наша НАТО единица како и замена на застарените тенковски капацитети кои нема да бидат дел од армиската формација појаснуваат од Министерството

Претходна вестПарното од денеска поскапува, процентот приклучен на можноста за субвенции од државата
Следна вестРеконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ во завршна фаза